Царовска, Адеми и Шкријељ на средба за дуално образование: Владата посветена на усогласување на законските норми за воведување на дуалното образование на цела територија на државата

16 јануари 2020


Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за образование и наука, д-р Арбр Адеми и дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ на работна средба во Владата, разговараа за различни аспекти поврзани со концептот на дуално образование, со претставници на германската и швајцарската амбасада, претставници на делегацијата на германското стопанство, како и претставници на компании и училишта во кои се спроведува пилот проектот за дуално образование.

Вицепремиерката за економски прашања Царовска, посочи дека концептот на дуално образование, во моментов се спроведува како пилот проект во 7 стручни средни училишта со учество на 11 домашни и странски компании, со вкупно вклучени 258 ученици, пришто нагласи дека тенденција на Владата е да се создаде соодветен концепт на дуално образование којшто би се применувал на територијата на целата држава. Концептот на дуално образование треба да биде прилагоден на реалните состојби во Република Северна Македонија и треба да одговори на потребите на пазарот на трудот, а за тоа ќе бидат потребни измени и дополнувања во повеќе закони и подзаконски акти. Соработката со компаниите и училиштата коишто веќе се вклучени во пилот проектот за дуално образование, кој се спроведува во соработка со Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, ќе биде од клучна важност за креирање на најсоодветно решение за креирање на концепт на дуално образование со кој би се постигна максимален ефект, при што би се задоволиле потребите на стопанството за создавање на квалитетен и добро обучен кадар за развојот на стопанството и економијата генерално, заклучи вицепремиерката.
 
Министерот за образование Адеми, потенцираше дека афирмацијата на стручното образование и промоцијата на концептот на дуално образование се врвен приоритет за министерството и Владата. Тој додаде дека концептот на дуално образование започна да се спроведува во учебната 2017-2018 година, кога беа запишани 33 ученици, а дека во секоја наредна учебна година овој број се зголемува, за да во 2019-2020 веќе има запишано околу 250 деца. 
 
Министерството за образование и наука, како поддршка на овој концепт, во изминатиот период работеше на изработка на соодветни наставни програми, пришто се креирани 100 нови наставни програми за две и три годишните струки, како и околу 1000 нови наставни програми за 4 –годишното стручно образование. Притоа, фокусот е многу повеќе ставен на практичната настава, која сега изнесува околу 26% од вкупната настава, за разлика од минатото, кога праксата била застапена само со 11% во вкупната настава, кажа Адеми.
 
Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, рече дека усогласување на пазарот на трудот со вештините е еден од најважните приоритети на министерството, за да се надмине јазот на побарувачката и понудата на работна сила на пазарот на трудот. Таа нагласи дека во изминатите две и пол години Министерството и Владата активно работеа на оваа тема, при што истакна дека во последните две години, Оперативниот план на програми и мерки за вработување е изработен во консултација и за потребите на стопанството, а го издвои и усвојувањето на Законот за практиканство, како добар пример за овозможување на добивање на практично искуство на младите луѓе во компаниите.
 
На состанокот беа пренесени позитивните искуства и предизвиците со кои се соочуваат компаниите и средните училишта вклучени во пилот проектот, при што сите присутни се согласија дека е потребен сеопфатен и инклузивен пристап на сите страни за креирање на најсоодветно решение за дуално образование, кое би одговорало на сите вклучени страни. Заменикот амбасадорот на СР Германија, Ото Граф, заменикот амабасадор на Швајцарија, Стефан Томаџан и директорот на делегацијата на германското стопанство Патрик Мертенс, кои даваат поддршка на пилот проектот за дуално образование, во дискусиите за време на средбата искажаа подготвеност и волја за натамошна поддршка во процесот на креирање на соодветен концепт на дуално образование, пред се за развојот на стопанството, економскиот раст и генералниот развој на Република Северна Македонија.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: