Царовска во Штип – Стартува младинскиот додаток, по 3000 денари месечно за вработени во производство до 23 години

6 февруари 2020


Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заедно со дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски се сретнаа со вработените од неколку фабрики и со ученици од средни стручни училишта во Штип, во врска со најновата владина марка - младински додаток. Целта на средбата е да се информираат младите лица до 23 години, како и нивните родители за надоместокот коишто ги следува помладите вработени во производствената дејност.

Вицепремиерката за економски прашања Царовска посочи дека Владата во тесна соработка и континурана дискусија со организациите на работодавачи, стопанските комори, синдикатите и невладините организации креираше низа на мерки со кои се влијае на покачување на платите, развојот на компаниите и подобрување на условите за работа на работниците.

„Наеднаш не можеме да го промениме светот, но ако се движиме со континуирана динамика, чекор по чекор, ќе постигнеме одлични услови за да младите сакаат да останат во нашата држава. За да имаме квалитетна економија, раст и развој на економијата и на компаниите мора да имаме и стручен кадар, обучени млади лица кои ќе сакаат да дадат дел од себе за развојот на економијата. Размислувајќи и дискутирајќи со работодавачите и синдикатите одлучивме дека оваа мерка треба да ја насочиме токму кон младите. Преку младинскиот додаток, младите лица до 23 години кои веќе работат во индустријата или планираат да работат во производството ќе добијат по 3000 денари на нивната плата на месечно ниво. Таа нема да се исплаќа преку работодавачот, туку на нивната индивидуална сметка, преку Агенцијата за вработување“, изјави Царовска.

Таа додаде дека во минатото постоеше негативна слика кај младите лица за вработување во индустриски капацитети, поради прекршување на работничките права кај одредени работодавачи, што веќе не е случај, односно условите за работа континуирано се подобруваат, платите континуирано растат, се со цел да се задржат младите лица во нашата држава.

„Гледате дека денес сме сите заедно: и организации на работодавачи и синдикати и невладини организации и институции, се со цел да покажеме дека преку партнерство и дијалог можеме заеднички да го подобриме целото општество и економијата: да растат платите, да растат и компаниите и да се почитуваат работниците. Без работници, нема силна држава. Ве повикувам сите што сте тука, но пренесете и на други млади луѓе, од наредната недела да почнете да аплицирате во Агенцијата на вработување и на своите сметки ќе добиете секој месец по 3000 денари. Ова се однесува на сите млади до 23 години кои се вработени или планираат да се вработат во производството“, потенцираше вицепремиерката Царовска пред младите луѓе во Штип

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ истакна дека со младинскиот додаток се опфаќаат вработувања или самовработување со претежна производствена  дејност , или земјоделство.

„Она што ние сакаме и на што работиме е да имаме не само вработувања на младите, туку  сакаме сите вие и сите ние, да имаме добро платени и  квалитетни работни места. Младински додаток е токму таква мерка, со која се овозможуваат подобро платени работни места за младите луѓе“, кажа Шкријељ.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјата Јованосвак посочи дека покрај практиканството, обуките за напредни ИТ и други вештини, младинската гаранција од оваа година се воведува и мерката младински додаток. Таа детално го појасни начинот на аплицирање на младите лица за да станат корисници на мерката.

„Барањето за користење на мерката ќе се пополнува во Центарот за вработување, електронски. Вие имате обврска само да понесете лична карта. Сите други податоци што се однесуваат на вашиот  работен однос, на фирмата, на дејноста  ќе ги преземе Агенцијата за вработување по службена должност од останатите надлежни органи односно од Управата за јавни приходи или од Централниот регистар. Во континуитет ќе се носат решенијата, ќе се врши исплата и она што би сакала да го нагласам е дека исплатата ќе биде од 1 декември па наваму. Сите што ќе аплицираат ќе добијат финансиски средства и за месец декември и за месец јануари. Центарот за вработување Штип, како и останатите центри ви стоиме на располагање за сите активности, за сите чекори. Инаку има само едно обично барање, кое вие заедно со нашиот службеник ќе го пополните, ќе добиете решение и ќе следува исплата“, рече Јовановска.

На средбата присуствуваа и преставници од Организацијата на работодавачи, невладината организација „Гласен текстилец“ како и претставници од Текстилниот кластер.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи даде позитивни коментари за мерката и посочи дека е одлична можност за сите млади вработени во компании од сите индустрии: преработувачка,  металната, текстилната, земјоделство кожарство, изработка на мебел и други.

Со цел да се обезбеди подобар живот на младите вработени лица  до 23 години во производствена дејност од оваа година, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот воведувена е мерката младински додаток. За исплата на месечниот додаток од 3.000 денари за 2020 година предвидени се 160 милиони денари, и истиот се очекува да го примаат околу 4.000 лица.

 

Линк до видео со изјави  на вицепремиерката Царовска, дополнителната заменичка министерка Шкријељ и директорката на АВРСМ Јовановска:

English
АКТУЕЛНОСТИ: