7 февруари 2020
Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска се сретнаа со пензионерите во Гевгелија со кои разговараа за актуелните прашања поврзани со повозрасните граѓани како и за исплатеното зголемување на пензиите.
„За две и пол години, односно за не цел мандат со водење на одговорно економски политики успеавме да направиме пресврт во економијата и да го подобриме животниот стандард. Граѓаните тоа веќе го чувствуваат со повисоки пензии за 722 денари исплатени на 324 илјади пензионери. Ова зголемување ќе влезе во основицата на пензијата и ќе се исплаќа секој месец што значи дека за една година пензионерите ќе добијат дополнителни околу 9.000 денари на своите сметки”, рече Царовска.
Дополнителната заменик министерка Шкријељ истакна дека со социјалната реформа се дава можност за развој на услуги на локално ниво како што е помош и нега за стари лица во домот и центри за активно и здраво стареење.
“Навистина ми е драго што во Гевгелија 60 повозрасни граѓани го користат правото на социјална пензија коешто се воведе со имплементацијата на социјална реформа” рече Шкријељ.
На средбата беше истакнато дека со последното покачување на пензијата и дополнителните усогласувања просечната пензија во 2020 година ќе изнесува 15.500 денари. Вицепремиерката Царовска ги увери пензионерите дека системот е стабилизиран а приходите во Фондот се зголемени, а дефицитот е намален.
Линк до видео со изјави на вицепремиерката Царовска и дополнителната заменичка министерка Шкријељ: