10 март 2020
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска, министерот за здравство, д-р Венко Филипче, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска одржаа брифинг со триесеттина главни уредници и уредници на медиуми и непосредно ги презентираа заклучоците на Владата на Северна Македонија од денешната, 15-тата редовна седница, за преземање дополнителни и заострени мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по согласно информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и на препораките на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство.
Главните уредници и уредниците на медиумите на брифингот покажаа значаен интерес за одлуките на Владата и поставија голем број прашања поврзани со мерките и со проекциите за можен развој на ситуацијата со корона вирусот во земјата.
Премиерот Оливер Спасовски, во свое име, и во име на Владата на Северна Македонија им се заблагодари на сите медиуми за досегашната соработка во известувањето на јавноста за ова прашање.
Тој апелираше новинарите и понатаму да останат во постојана комуникација со официјалните извори за комуникација како што се Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија за сите мерки што ќе следуваат, како и за сите информации и развои на ситуацијата, во име на јавниот интерес и на интересот на граѓаните.