Од 18-тата седница на Владата: Донесена е одлука за кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, се затвора ски центарот Маврово и граничните премини Џепиште–Требиште и Блато кон Албанија

13 март 2020

Владата на Република Северна Македонија на денешната 18-та седница го разгледа Записникот од Петтата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за Управување со кризи, одржана на 13 март 2020 година, во врска со потребата од преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на Коронавирусот COVID-19 и согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, со цел превенција и ширење на овој вирус, ги усвои следниве заклучоци:

1. Го усвои Записникот од Петтата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за Управување со кризи, одржана на 13 март 2020 година, односно го прифати предлогот и донесе Одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

2. Периодот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, а со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, е најмногу до 30 дена.

3. Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, да се достави до Претседателот на Република Северна Македонија и до Собранието на Република Северна Македонија.

4. За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, Владата му предлага на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справување со кризната состојба.

5. Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со настанатата ситуација на подрачјата на општините, со целосен преглед на расположливи човечки и материјално - технички ресурси и план на координирано дејствување во кризните подрачја.

6. Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за надворешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со настанатата состојба.

7. Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, до крајот на денот, да номинираат членови на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи.

8.  Донесе Одлука за забрана и посебен режим на движење на дел од територијата на Република Северна Македонија на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, со која се уредува мерката забрана за движење, односно влез и излез од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа, како и мерка за воведување посебен режим на движење на населението внатре во овие подрачја.

Посебниот режим на движење на населението внатре во овие подрачја да го утврди Главниот штаб при Центарот за управување со кризи во акцискиот план за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID – 19.

9. Се задолжува Министерството за здравство – Комисијата за заразни болести, да издаде препораки/протокол за тоа како и на кој начин да се одвиваат движењата на превозниците во и од  Република Грција за дотур  на нафта и нафтени деривати, како и во подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа на кои е прогласена кризна состојба, односно како и на кој начин преку соодветни мерки истите да се заштитат.

Дополнително, во протоколите/препораките од Комисијата за заразни болести да бидат опфатени сите превозници (гипс и гипсени производи, превоз на храна и други производи) кои ќе вршат дотур преку влез и излез на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа.

10. Се задолжува Министерството за транспорт и врски и Царинската управа, на дневна основа да ја информираат јавноста кои гранични премини се отворени за премин.

11. Да се затворат граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, како и да се затвори Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ – с. Маврово - Маврови Анови.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

12. Жителите од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа кои се надвор од територијата на овие општини, може да се вратат во своите домови на 13.3.2020 година до 00.00 часот на полноќ.

13. Се задолжуваат Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД да извршат координирани вонредни инспекциски надзори на сите економски оператори кои продаваат средства за заштита од Коронавирусот, согласно мерките, препораки и насоките на Владата.

14. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да определи едно лице кое ќе биде задолжено во случај на потреба од интервенција при вршење на овие вонредни инспекциски надзори од страна на инспекторатите.

15. Се задолжува Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, редовно, на дневна основа, до 12.00 часот да го информира претседателот на Владата на Република Северна Македонија за извршените инспекциски надзори од страна на сите инспекторати.

16. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните.“

English
АКТУЕЛНОСТИ: