2 април 2020
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска одржа прес-конференција на која информираше за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, за Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година, што вчера и денеска беа усвоени на седниците на Владата.
Обраќањето на претседателот на Владата Спасовски на прес-конференцијата ви го пренесуваме во целост:
Владата на Република Северна Македонија завчера го донесе вториот пакет економски мерки за справување со економските последици со кои граѓаните и стопанството се соочуваат како резултат на вирусот COVID-19.
Со овој втор пакет мерки, Владата е одлучна во спроведувањето директна помош и поддршка кои ќе имаат влијае да ја помогнат реалната економија, секое семејство, секое домаќинство, секој поединец одделно, а со тоа и секоја фирма која е погодена од кризата.
Ова се мерки кои ги помагаат сите кои се погодени од кризата. За секоја категорија стопански субјекти, за сите наши граѓани, креирани се мерки според принципот на економска солидарност и баланс на потребите и можностите.
Главната мерка од економскиот пакет e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата. Со оваа мерка, државата ги спасува работните места на граѓаните.
За оваа мерка, донесовме Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите.
Ова е директна мерка за зачувување на работните места и за олеснување на континуитетот на работните процеси.
Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.
За да биде појасно, оваа уредба под поимот „Работодавач од приватниот сектор“ го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи.
Со оваа мерка ќе се врши исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.
Поточно, ова значи дека доколку работник бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка односно – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.
Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи, која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците за Барањето за финансиска поддршка.
Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот, за претходниот месец. Комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.
Сите информации за тоа кои компании ќе имаат право на користење на придобивките од оваа мерка, како и оние кои не се опфатени со оваа финансиска поддршка, ќе бидат наведени во Уредбата што ќе биде објавена во рок од еден ден во Службен Весник, како и на веб страницата на Владата.
Во Член 5 од оваа Уредба е утврден и начинот за аплицирање за стекнување на правото за финансиска поддршка преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата“ на Управата за јавни приходи преку посебна шифра за оваа намена.
По обработката на апликацијата, Управата за јавни приходи ќе го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец, и за тоа ќе ја извести Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите.
Износот на финансиска поддршка согласно оваа Уредба, ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.
Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи или од страна на Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка.
За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.
Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.
Согласно оваа Уредба работодавачите кои ќе го искористат правото на финансиска поддршка за исплата на плати, имаат обврска примените финансиски средства ги вратат во Буџетот на Република Северна Македонија.
Деталите за оваа обврска се опишани во Уредбата.
Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени.
Тоа значи, дека работодавачите можат да се одлучат да изберат финансиска поддршка за покривање на половина од придонесите за своите вработени, наместо 14.500 месечно нето плата по вработен за месеците април и мај.
За таа цел ја донесовме Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.
Уредбата се предлага како економска мерка со која што ќе се даде финансиска поддршка за сервисирање на обврските за исплата на придонесите за задолжително социјално осигурување, а поради намалената ликвидност кај бизнисите поради состојбата со коронавирусот.
Со Уредбата се предвидува за секој вработен осигуреник, за месеците април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50 отсто. При тоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50 отсто од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за јануари 2020 година.
Во Уредбата се наведени условите што треба да бидат исполнети за користење на оваа мерка.
Со мерката се очекува да бидат опфатени околу 20 отсто од осигурениците, односно околу 53.000 осигуреници за што се потребни 284.345.000 денари месечно, односно 568.690.000 за субвенционирање на придонесите за месец април и мај 2020 година.
Сакам да напоменам уште еднаш дека оваа мерка е алтернатива на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари за месеците април и мај.
Не можат да се користат двете мерки, туку само една по избор. Значи, за секој работник е обезбедена или плата од 14.500 денари месечно или покривање на 50 отсто од придонесите.
Кога ги најавивме мерките рековме дека никој нема да биде изоставен!
Владата воведува економски мерки за секој еден погоден од кризата. Државата интервенира за спас на секое загрозено работно место.
Затоа, денеска ја донесовме и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година.
Оваа уредба е за нашите сограѓани занаетчии и вршители на самостојни дејности кои исто така ги чувствуваат последиците.
Финансиската поддршка на физичко лице кое врши самостојна дејност опфатени со оваа Уредба ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка со исплата на финансиски средства на трансакциска сметка преку која физичкото лице - барател на финансиска поддршка за исплата на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година.
Финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно.
И за оваа мерка сите услови за стекнување право на користење на поволностите, ќе бидат објавени во Уредбата што ќе се публикува во Службен Весник и на веб страницата на Владата.
Со овие Уредби ја ставаме во функција мерката за спас на работните места на македонските граѓани. Ги помагаме работниците, фирмите, стопанството, ја помагаме директно економијата.
14.500 денари месечно, за април и мај, за секој вработен, од секоја фирма загрозена од кризата. Тоа се вкупно 29.000 денари по вработен за два месеци, за зачувување на работното место, за 250.000 вработени.
За сите наредни уредби за останатите економски мерки ќе известуваме одделно и сеопфатно и ќе одговараме на сите ваши прашања.
Владата останува максимално посветена на остварувањето на функционален буџет за секое сценарио на кризна економска состојба.
Нашата првенствена обврска и должност е да обезбедиме ликвидност и финансиска поддршка за стопанството преку мерки за помош на работниците и стопанството.
Да се сочуваат работните места на граѓаните, колку може повеќе.
Линк до прес конференцијата: