7 април 2020
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од инспекциски надзори од повеќе инспекциски служби во надлежност на Советот, кои интензивно се спроведуваат на терен, со цел да гарантираат целосно почитување на мерките на Владата за заштита од КОВИД-19.
За период од 2 до 5 април годинава од страна на шест инспекторати се направени вкупно 3.908 надзори. Иако општата констатација на инспекторатите е дека поголемиот дел од субјектите ги почитуваат владините мерки за превенција од корона вирусот, за жал, еден дел од угостителските објекти посебно во руралните средини продолжуваат да ги прекршуваат владините мерки.
“Во таа насока и најголемиот дел од вкупно 3.233 контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат се однесуваат на работењето на угостителските објекти. При тоа се затворени вкупно 48 угостителски објект во повеќе градови и населени места низ државата. Истовремено инспекторите во повеќе градови низ државата направија визуелни контроли при што констатацијата е дека поголемиот дел од угостителите ги почитуваат мерките. Државниот пазарен инспекторат изминатата недела интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации по градовите и при тоа во периодот од 2 до 5 април се забранети за употреба над 215 кафемати“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Во периодот од овие 4 дена направени се вкупно 423 контроли за замрзнатите цени на одредени производи. При што утврдени се помал број зголемувања на цените на цитрусното овошје и други производи но по укажувањето се вратени старите цени од 11 март.
Филиповска-Грашкоска рече дека Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 2 до 5 април спроведе вкупно 208 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
„При тоа изречени се две глоби, едната за непочитување на претходна наредба од инспектор, а втората за држење производ без декларација. Исто така издадени се вкупно 7 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна, како и не водење на записи за добра хигиенска пракса (ДХП). Исто така издадени се 15 решенија на месарници и маркети за констатирана лоша општа хигиенска состојба и е состојба и е наредено веднаш спроведување на дезинфекција, дератизација и дезинсекција. Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до граѓаните да не ги користат кафематите и апаратите за вода, бидејќи тие може да се потенцијален преносител на заразата“, рече Филиповска-Грашкоска .
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 2-5 април направи вкупно 70 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 90% и продолжува да се редуцира. Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50% намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини.
Државниот инспекторат за труд реализираше вкупно 290 контроли при што се донесени 1 решение и 13 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни.
Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 2-5 април спроведе вкупно 66 надзори. Исто така, во овој период издадени се 164 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.
Малмед во периодот од овие пет дена изврши вкупно 41 контрола. Нема специфични отстапувања, секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број на лица во аптеките.
„Инспекциските служби продолжуваат интензивно со сите свои капацитети да работат на терен, се со цел да се гарантира почитувањето на владините мерки.Уште еднаш порачуваме дека секој кој нема да се придржува до мерките на Владата ќе биде санкциониран, без исклучок. Овие мерки се донесени во интерес на здравјето на граѓаните и на јавното здравје и мора да се почитуваат. Повикувам на одговорност од секое правно лице, од секоја индивидуа во нашето општество. Јавното здравје зависи од сите нас“, рече Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Иринка Сотирова, Директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат,им го честиташе светскиот ден на здравствените работници и апелираше на поголема свесност за носење на заштитната опрема.
„Секој од нас доктор, сестра, техничар, лаборанти, болничари и останатиот технички персонал е неопходен, безусловно е потребен и исправен пред голем предизвик. Испраќам апел за максимални почитување на протоколите за употреба на средствата за лична самозаштита бидејќи со носењето на заштитната опрема прво се штитите себе си, ги штитите своите најблиски и останувате способни да се борите за животите на пациентите. Апелирам и до граѓаните да им веруваат на докторите и медицинските лица. Во овие тешки моменти тие го даваат максимумот од себе во борбата со коронавирусот“, рече Иринка Сотирова.
Линк до прес конференцијата: