10 април 2020
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, денеска на редовна прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од спроведените инспекциски надзори во периодот од шести до осми април годинава. Таа истакна дека за период од овие три дена од страна на шест инспекторати се направени вкупно 1.346 надзори, со што преку засилени контроли се воспоставува целосно почитување на мерките и препораките на Владата за заштита од ширење на коронавирусот.
„Од вкупно 547 контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат еден дел се однесуваат на работењето на угостителските објекти, а останатиот на контроли на замрзнатите цени на одредени производи. При тоа се затворени вкупно 4 угостителски објекти во Битола, Гостивар и Тетово, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека угостителите ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатите три дена интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации по градовите и при тоа во периодот од 6 до 8 април се забранети за употреба 40 кафемати во Скопје, Охрид и Гостивар“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Во периодот од овие три дена направени се повеќе контроли на трговци во малопродажба и големопродажба, при што кај еден дел е констатирано зголемување на цените по што на истите им е наложено да ги вратат старите цени од 11 март.
Филиповска-Грашкоска потенцираше дека Државниот инспекторат за труд за периодот од овие три дена реализираше вкупно 422 контроли при што се донесени едно решение и 11 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Поголемиот дел од овие надзори биле се поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни.
Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на вработените од КОВИД-19.
„Со интензивни надзори продолжува и Агенцијата за храна и ветеринарство. Во периодот од 6 до 8 април спроведе вкупно 164 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
При тоа издаде вкупно 6 казнени мерки поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна. Исто така издадени се и вкупно 7 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба“, рече Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Филиповска-Грашкоска, истакна дека Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 6 до 8 април направи вкупно 114 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 90% и продолжува да се редуцира.
„Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50% намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини“, рече Филиповска-Грашкоска.
„МАЛМЕД“ во периодот од овие три дена изврши вкупно 43 контроли и при тоа нема специфични отстапувања со што секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број на лица во аптеките, додека Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 6 до 8 април спроведе вкупно 56 надзори. Исто така, во овој период издадени се 57 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.
„Продолжуваат засилените контроли на терен, а инспекциските служби работат со сите свои капацитети. Апелирам до трговците, угостителите, компаниите и граѓаните одговорно да се однесуваат и да ги почитуваат владините препораки“, констатираше Филиповска-Грашкоска.
Линк до прес конференцијата: