Прашање 4: Има случаи на вработени кои се плашат од ситуацијата и неоправдано отсуствуваат од работа. Би ве замолиле за појаснување на Уредбата за субвенционирање на придонесите, но и појаснување како да постапиме со ваквите случаи на вработени, бидејки во целост се почитуваат мерките на Владата за спречување од ширење на заразата од една страна, меѓутоа навистина се бориме работниот процес непрекинато да функционира со зголемен обем на работа поради настанатата ситуација. Ако им прекине работниот однос без отказен рок, за кој воедно се во целост исполнети условите, фирмата е ставена во незавидна позиција бидејки ќе нема право на субвенции, но истото не е предвидено во Уредбата за субвенционирање. Односно согласно Уредбата за субвенционирање на 50% од придонесите, нема фирмата да има право на субвенции ако не го задржи истиот број на вработени со состојба 31.03.2020 година (член 4, став 2 точка б од Уредбата).
Одговор: Работодавачот кој побарува финансиска поддршка не смее бројот на вработени, да го намали за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, освен во случај на пензионирање или смрт. Дополнително укажуваме дека по завршување на вонредната состојба и мерките и препораките усвоени од Владата, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина, или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правила за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.