Стапи во сила Уредбата за задолжително носење лична заштита на јавни места од отворен и затворен тип, опомени за непочитувањето на уредбата до 30 април, а потоа прекршочни казни

23 април 2020

Денеска во „Службен весник на Република Северна Македонија“ е објавена Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, што ја донесе Владата на својата 45-та седница.

Со оваа уредба со законска сила се уредува носењето лична заштитна опрема на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението, како и надзорот над спроведувањето на носењето лична заштитна опрема на лицето, за време на траењето на вонредната состојба.

Уредбата определува дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).

Под лична заштитна опрема на лицето со уредбата се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

Согласно уредбата, по исклучок, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија, може да не ја носи личната заштитна опрема на лицето, ако:

- носи посебна лична заштитна опрема на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,

- престојува во двор на станбена семејна куќа,

- вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,

- патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство 

 

- се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.

Уредбата исто така утврдува дека сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштитна опрема на лицето од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема.

Членовите 4, 5 и 6 од Уредбата ги утврдуваат институциите што ќе вршат надзор и контрола на спроведување на решенијата, како и прекршочните казни за физичките и правните лица кои што нема да се придржуваат до одлуките на Уредбата.  

За надлежни за надзор на спроведувањето на одредбите од Уредбата се определуваат Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат, секој согласно надлежностите утврдени со Закон.

Во уредбата се утврдува дека во случај на прекршување на одредбите од оваа уредба со законска сила, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 април 2020, надлежните органи ќе изрекуваат исклучиво опомени.

После 30 април, Уредбата утврдува дека глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од оваа уредба со законска сила.

Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила, која определува дека сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштитна опрема за сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема.

На секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите од оваа уредба со законска сила, ќе му биде изречена глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност.

 

Линк на vlada.mk до Уредбата за носење на лична заштита

Линк на koronavirus.gov.mk со Уредбата за носење на лична заштита

Линк до сите Уредби од 45-та седница на Владата на Република Северна Македонија

Линк до сите Уредби на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на КОВИД-19 

 
English
АКТУЕЛНОСТИ: