12 мај 2020
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за најновата состојба со коронавирусот во земјава и го соопшти предлог планот на Комисијата за заразни болести за намалување на рестриктивните мерки.
„Денеска се регистрирани пет оздравени пациенти, во Скопје и во Неготино. Потврдени се десет нови случаи, во Скопје - 6, Куманово - 2, Прилеп и во Велес по еден новодијагностициран пациент. На Инфективната клиника, за жал има еден починат пациент од Делчево на 60-годишна возраст со други придружни малигни болести. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја, од почетокот изнесува 1.674, оздравени 1.205, починати 92 и активни пациенти во овој момент 377 лица“, истакна министерот Филипче.
Тој посочи дека, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, во изминатите 24 часа се примени тројца нови пациенти. Хоспитализирани се вкупно 41, во ГОБ „8-ми Септември“ хоспитализирани се - 13 нови, а вкупно 25 пациенти. На инфективните одделенија во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Охрид се хоспитализирани 64 пациенти.
„Во изминатите 24 часа се направени 189 тестирања и во однос на тестирањата, на бројката на тестови, дозволете уште еднаш да ги отфрлам шпекулациите дека има некаква причина или дека тенденциозно се намалува бројот на тестирања. Тоа не е така, факт е дека значително е намалена бројката на направени тестови, заради тоа што нема доволен број пациенти кои имаат симптоми и кои имаат вистинска индикација за тестирање, а тоа е тоа, што сакавме да го постигнеме. Само еден мал процент од капацитетот на системот „Мој Термин“ е исполнет и поради тоа што сега во овој период имаме слободни капацитети во лабораториите и веќе од утре, почнува скринингот на одредени критични категории. Ќе почнеме со вработените во градинките, тие се близу 2.000, со цел паралелно со процесот кој се прави на изготвување на протоколот за работа на градинките, тие да се стават во функција“, рече министерот Филипче.
Во однос на епидемијата, министерот Филипче изрази задоволство што бројот на оздравени пациенти секојдневно расте. Од вкупниот број потврдени случаи, оздравени се вкупно 1.205, односно 72 проценти. Тој додаде, дека се намалува бројот на смртни случаи, а во моментов има 377 активни случаи, што е 22,5 проценти од вкупниот број на потврдени случаи во земјата.
„Расте бројот и на оздравени здравствени работници. Од вкупно дијагностицираните 242, оздравени се 217, што е близу 90 проценти и со тоа практично се враќаат во нормално функционирање сите установи, од каде се заболените здравствени работници. Воедно расте и бројот на општини кои немаат активни случаи: Дебар, Охрид, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Крушево, Пробиштип, Демир Хисар, Македонски Брод, Виница, Делчево и Кичево“, изјави министерот Филипче.
Според министерот за здравство, на вчерашниот и денешниот состанок со Комисијата за заразни болести и врз основа на анализата на состојбата со епидемијата во земјата, Комисијата донесе Предлог-план за намалување на рестриктивните мерки кои ќе се одвиваат во неколку фази.
Намалувањето на мерките е согласно повеќе критериуми кои в предвид ги зема и Светската здравствена организација, а три од тие критериуми се клучни и тоа првенствено дали епидемијата е ставена под контрола. Понатаму, дали здравствениот систем е во состојба да се справи да го изменаџира бројот на пациенти сега, но и дали може да се справи со повторно појавување на голем број случаи по олеснувањето на мерките, како и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и управува со случаите и нивните контакти и да идентификува евентуална појава на нови случаи.
„Основната индикација, дали епидемијата е под контрола е репродуктивниот број R0, кој треба да е помал од еден, а кај нас подолг временски период е помеѓу 0,6 и 0,9 , што значи дека еден пациент заразува помалку од еден пациент во просек. Вториот параметар е здравствениот систем и можноста на системот да се справи со ова. Ние, подолг временски период практично имаме капацитети во болниците кои се слободни, мал број на пациенти кои се на респираторна машина. Вкупната искористеност на креветите предвидени иницијално за оваа намена во ниеден момент не беше исполнета. И на Клиниката каде има 40-тина пациенти од 110 кревети, плус 70, во дополнителната мобилна болница, како и со мал процент во ГОБ „8 – ми Септември“ и во инфективните одделенија, кои исто така целосно не го пополнуваат капацитетот. И третиот последен параметар, капацитетот за надзор, откривањето на случаите и нивната поврзаност со претходно дијагностицирани пациенти во нашиот случај анализата покажува, дека над 80 проценти од случаите имаат епидемиолошка поврзаност, што значи дека сите овие критериуми се исполнети“, прецизираше министерот Филипче.
Тој изјави дека, состојбата во земјата е оценета како стабилна и согласно тоа Комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство ќе го достави Предлогот за олабавување на рестриктивните мерки и тој Предлог-план предвидува, во оваа недела да се отворат и да се вратат во функција: центрите за едукација, обука, семинари на возрасни, организација на седници и на органи за управување, конференции, авто-школи, испитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер без угостителска дејност и затворени трговски центри, односно молови, исто така без угостителска дејност како и центрите за рехабилитација на слух, говор и глас, кои целосно ги подготвија капацитетите.
Сето ова, според Филипче е согласно критериумите за функционирање, кои ги препорача Комисијата за заразни болести, каде мора сите овие субјекти да се придржуваат до дистанцата, носењето на заштитни материјали, со одреден број присутни во локалите, односно местата. После следењето на епидемиолошката состојба откако ќе се вратат во функција овие економски оператори, следната недела, според министерот, се предвидува, да се препорача, отворање на угостителските објекти со послужување, спортските тренинзи на отворено за колективните спортови. И повторно, по епидемиолошката анализа и следењето на состојбата, следната недела, игрите на среќа во казина, автомат клубови, тренинзи во затворени спортски објекти и базени, работа на теретани и фитнес клубови и хотелски објекти. Помеѓу сите овие препораки, детално ќе се следат параметрите, епидемиолошката состојба.
„Ова е планот, којшто сега го поднесуваме до Владата. Тоа значи, дека постепено го враќаме животот во нормала, работните процеси, стопанството, секако со одредени протоколи за функционирање, почитување на мерките за заштита, задолжителната дистанца од два метри, задолжителното носење маска, односно покривка на носот и устата во затворена просторија, на отворено, тогаш кога дистанцата не може да се држи и задолжителната дезинфекција на рацете кога е потребно. Овој план денеска ќе се дискутира на седницата на Владата“, истакна министерот Филипче, кој додаде дека Комисијата за заразни болести подготви научно издржани претпоставки како може да се развива состојбата со вирусот.
„Анализите се исклучиво врз основа на научните сознанија во нашата, но и во други земји и СЗО (Светската здравствена организација). Земени се сериозни анализи за развој на болеста во регионот, во европските земји, меѓутоа и во светот. Согласно нашите трендови, во периодот кој претстои очекуваме натамошна стабилизација на ширењето на вирусот, меѓутоа сме свесни, врз основа на нашите анализи и анализите во многу други земји во светот дека целосно исчезнување на вирусот, тешко е да се очекува. Оттаму, држењето на бројот на новозаболени под контрола, капацитетите на болниците во добра состојба и почитувањето на мерките за лична заштита се индикатори, кои е исклучително битно да се следат апсолутно во секој момент“, информираше министерот Филипче.
„Согласно сегашната состојба, утрово беше дискутирано на состанокот на Комисијата за заразни болести, ние во следните два месеца очекуваме значајно намалување на ширење на вирусот, а индикациите на кои се темелат овие претпоставки се следните:
Прво заради посткарантинските ефекти кога беше ограничено движењето на граѓаните, понатаму затворените граници и неможноста да имаме импортиран случај и строгата контрола со државните карантини, значи само случаи со локална трансмисија, кои се под максимална контрола. Вообичаено, ваков тип белодробни епидемии траат меѓу осум и 12 недели, сега е кај нас периодот на 11-та недела. Нешто, што исто така очекуваме да придонесе се и високите температури во смисла на ослабнување на вирусот како и намалување на преносот“, рече Филипче.
Министерот Филипче упати порака до граѓаните, да бидат спокојни и им упати уверување, дека сите досегашни мерки се носени врз основа на стручни медицински анализи и тие очигледно дадоа резултат.
„Исто како што мерките на воведување на рестрикции се темелеа на научни сознанија и на бројки и овие препораки за олабавување на мерките се темелат на истите критериуми, истите анализи како и целосно во согласност со набројаните критериуми кои во предвид ги зема и СЗО. Сакам да порачам дека почитувањето на трите клучни препораки е исклучително важно за оваа ситуација и понатаму ја држиме под контрола, притоа нашите животи постепено да ги враќаме во нормала. Апелирам, секогаш да се почитува препорачаната дистанца, да се носи заштитна опрема и секогаш според пропишаното да се прави дезинфекција на рацете. Дополнително апелирам, до сите компании и организации кои со олабавување на мерките почнуваат со работа, целосно и без исклучок да се придржуваат до протоколите, кои ќе бидат објавени по нивното усвојување. Тоа ќе биде предуслов за натамошно целосно отворање на сите други дејности и враќање во функција на целиот работен процес во државата. Деновиве се забележува дека навистина голем број граѓани ги почитуваат мерките, заради што изразувам голема благодарност, но за жал има и такви кои мерките не ги почитуваат. Апелирам до сите, без исклучок да се почитуваат овие мерки, бидејќи вирусот никого не штеди и овие мерки се дизајнирани така да го спречат ширењето на вирусот. Воедно, апелирам до институциите кои се должни за спроведување на мерките активно да го прават тоа“, потенцираше министерот Филипче.
Линк до прес конференција: