Спасовски: Мерките дадоа резултати и влегуваме во период кога се очекува дополнително опаѓање на интензитетот на ширењето на вирусот и затоа донесовме одлуки за попуштање на рестриктивните мерки под крајно прецизни услови и критериуми

12 мај 2020


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на онлајн прес-конференција ги соопшти одлуките на Владата за првата фаза од попуштањето на рестриктивните мерки за спречување на КОВИД-19.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

На денешната седница на Владата го донесовме првиот пакет мерки со што ги намалуваме рестрикциите и преземаме нов чекор кон новата нормалност во одделни области, кои во оваа фаза на пандемијата со КОВИД-19 во нашата земја, го дозволуваат тоа.

Сметаме дека ситуацијата е под контрола. Не дозволивме ширење на коронавирусот кое посериозно би го загрозило јавното и здравјето на граѓаните, а здравствениот систем со полна кондиција постигнува ефикасност во борбата со фаталните последици од вирусот.

Оваа ситуација е резултат на сеопфатни и системски мерки, носени исклучиво врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и врз основа на нивните научни анализи и студиите на Светската здравствена организација.

Од Комисијата имаме јасни укажувања дека влегуваме во период кога се очекува дополнително опаѓање на интензитетот на ширењето на вирусот, што ја отвора можноста за попуштање на рестриктивните мерки и ограничувања, под крајно прецизни услови и критериуми.

Во прилог на ова е и резултатот од воведените мерки со кои ја исправивме кривата на новозаболени. Тие не само што дадоа добри резултати, туку и ги зајакнавме медицинските капацитети повеќе од тоа што ни беа на почетокот, и со увереност можеме да кажеме дека од тој аспект сме спремни да одговараме на текот на новото нормално.

Се разбира, и понатаму остануваме крајно алармирани. Одиме многу внимателно и во повеќе фази низ кои постепено ќе се спроведува намалувањето на рестрикциите во едно ново секојдневие за кое ќе мора да прифатиме дека ќе биде наша нова реалност, нова нормална ситуација.

Меѓу секоја фаза ќе следува преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука за тоа дали се исполнети условите за да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза.

Сите следни чекори кон новата нормалност ќе зависат од три најважни критериуми:

1. Дали епидемијата е ставена под контрола?

2. Дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторното појавување случаи по олеснувањето на некои мерки?

3. Дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти и да идентификува повторување на случаи?

Имајќи го сето ова предвид, Владата на денешната седница го донесе Планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази, согласно развојот на епидемиолошката состојба.

Првата фаза е тековното функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење.

Втората фаза, како транзициона фаза, е иницијално  воспоставување на работните активности со почитување на препорачаните мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на КОВИД-19, и

Трета фаза, која предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните превентивни, против епидемиски мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.

Ова значи, дека дури и во третата фаза, кога ќе воспоставиме целосна функционалност во сите сектори, нашите обврски ќе продолжиме да ги извршуваме во поинакви услови, согласно новата реалност, со што новото секојдневие станува и наша нова нормалност. Тоа не треба веќе да се гледа ниту како нешто страшно, ниту како нешто чудно, туку како неопходност за заштита на нашето здравје.

Во првата недела од олабавувањето на мерките, односно од утре, ќе започнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа за дејности кои имаат помал ризик, и тоа:

- Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје,

- Центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции,

- Авто школи,

- Спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови,

- Спортски и други обложувалници преку шалтер,

- Затворени трговски центри-молови, без угостителските објекти во нив.

За да се постигне максимална ефикасност, и максимална заштита, ќе се применуваат посебно пропишани протоколи за работа на секоја од овие дејности.

На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување состаноци, седници, обуки, семинари, конференции, настани, ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу 6 часа со задолжителна пауза на секои 2 часа.

Пред почеток на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) им се препорачува да го одложат настанот односно да не присуствуваат.

Настаните ќе се организираат и со ограничен број на учесници согласно просторот со цел, но не повеќе од 30 лица, да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2м, како и со задолжително носење лична заштитна опрема.

Во просторијата задолжително треба да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, односно услови за почитување на општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.
Просторијата почесто да се проветрува, по можност за време на часовите и задолжително во текот на паузите, со забрането групирање на присутните.

По завршување на настанот, просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, во која мора да има обезбедено корпа за отпадоци со капак.

Протоколот за одржување на седници на органи на управување и конференции ќе се ограничи на максимум до 30 лица согласно просторот со цел да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2 метри, за кои е задолжително носењето заштитни маски, и задолжителна употреба на средство за дезинфекција на рацете, кои се задолжение на организаторот на настанот.

И за овие настани и работни процеси се задолжителни општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена, зачестеното проветрување, и забрана за групирање, како и чистење и дезинфицирање на работните простории.

Владата на денешната седница заклучи да се дозволи службено патување на избрани и именувани лица, во странски држави, со почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, заради координација и други работни активности поврзани со мерки за COVID-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија.

Согласно епидемиолошката состојба во државата и одлука од Комисијата за заразни болести се дозволува отворањето на затворените трговски центри - моловите, со почитување на строги правила и протоколи за нивна работа во услови на спроведување на мерки за превенција за спречување на појава и ширење на КОВИД-19. Во моловите се уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафичите, освен преку систем за нарачка, шалтер или достава.

Протокол за отворање и работа на моловите предвидува ограничено/скратено работното време (10:00-18:00), со исклучок во недела кога моловите ќе бидат затворени.

Остануваат задолжителни сите мерки за заштита кои предвидуваат задолжително регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од страна на овластено лице за да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, задолжителната опрема за лична заштита на купувачите и вработените, како и дезинфекција на просториите во моловите.

Од утре со работа можат да почнат и спортските и другите обложувалници преку шалтер, согласно протоколот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

На крајот, напоменувам уште еднаш дека треба да прифатиме дека уште долго нема да биде како што беше пред пандемијата, и дека ќе мораме да се навикнуваме на новата нормалност, во која секојдневие ќе ни бидат личните заштитни мерки како што се физичката дистанца, маските и другата опрема за лична и за заштита на другите, како и нагласената употреба на дезинфекционите средства и навикнувањето на нив.

Да запомниме, да почитуваме, имаме обврска да го штитиме личното и колективното здравје: Редовна дезинфекција, заштитна маска на лицето, дистанца од 2 метри, секогаш, секаде.
Уверен сум дека првата фаза од попуштањето на дел од рестриктивните мерки, ќе биде проследена со натамошно спуштање на интензитетот на заканата од коронавирусот што ќе помогне да се реализираат одложените парламентарни избори.

Тоа, од своја страна, ќе помогне што поскоро да ја обезбедиме новата нормалност, на која ќе се прилагодуваме и ќе ја поддржуваме за да го помогнеме и забрзаме процесот на трансформација кон нашата нова економија, која веќе станува подинамична, побрза, похрабра.

Да ги почитуваме мерките, сите, секаде, секогаш, затоа што тоа е во интерес на сите нас, на нашето здравје, на новата нормалност и новата економија.

 

Линк до прес конференција:

English
АКТУЕЛНОСТИ: