15 мај 2020
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Неготино Тони Делков извршија увид на активностите поврзани со изградба на системот за наводнување „Дисанско поле“.
Вицепремиерката за економски прашања посочи дека земјоделството како сектор има значителен удел во економскиот раст и е еден од столбовите на македонската економија. Таа додаде дека Владата посветува особено внимание на земјоделските политики, со посебен акцент на развојни мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка.
„Наводнувањето е еден од клучните услови за модерно и профитабилно земјоделско производство. Во овие речиси три и пол години МЗШВ започна крупни капитални инвестиции во водостопанството, како што се браните Конско, Речани, хидросистемите Равен -Речица, наводнување на јужната долина на реката Вардар 2 фаза и мали еколошки хидросистеми кои се финансиски поддржани од ЕУ. Нашата крајна цел е да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, а тоа ќе го постигнеме преку континуираната и силна поддршка за земјоделството, преку мерки кои заеднички ќе ги креираме со сите чинители во земјоделско-прехранбената индустрија. Секое вложување во овој сектор значи вложување во развојот на државата. Би сакала да напоменам дека земјоделството е една од наважните дејности којашто продолжи да функционира и за време на корона кризата. Токму во вакви моменти кога имаме пандемија од светски размери ја гледаме важноста на земјоделството и неговата улога во производството и снабдувањето со храна и свежи производи. Владата вложува масимални напори да се обезбеди непречен процес на производство, но и нивен транспорт“, потенцираше вицепремиерката Царовска.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство посочи дека по надминувањето на здравствената криза и враќањето во нормала, модернизацијата на земјоделството и производството на храна, ќе бидат врвни приоритети на Министерството и Владата. Тој рече дека, во близина на неготинско Дисан, започна доизградбата на хидросистемот „Дисанско Поле“, којшто ќе биде во склоп на хидромелиоративниот систем „Тиквеш“.
„Производството на храна мора да продолжи непречено, земјоделците мора да ги продолжат своите работни активности. Владата ќе ги овозможи сите потребни услови за одржливо земјоделско производство и ќе одговори на барањата на земјоделците. Во моментов, се врши довршување на каналот во должина од 2,5 километри, со што ќе се обезбеди целосна функционалност на системот, кој остана недовршен во 2006 година. Сегашниот доводен канал е со капацитет од 330 литри во секунда и досега се наводнуваат околу 200 хектари земјоделска површина. Со доизградбата ќе се овозможи навремена достапност на вода за наводнување на нови 383 хектари. Вредноста на инвестицијата е над 17 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на МЗШВ и 3,8 милиони денари средства од АД Водостопанство или вкупно 20,8 милиониденари. Според договорот, изградбата се очекува да заврши за околу еден месец. Ставењето во функција на хидросистемот „Дисанско Поле“, е од витално значење за земјоделците од овој лозарски регион, бидејќи наводнувањето е клучно за лозовите насади, за добивање на квалитетено грозје, за производство на нашето вино“, нагласи министерот Димковски.
Конкурентноста на земјоделскиот сектор и оптималното користење на природните ресурси е основаната цел на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а наводнувањето во тој процес има голема улога. Само со квалитетно наводнување ќе постигнеме поголема конкурентноста на земјоделскиот сектор, одржување на приходите од земјоделството и ублажување на негативните ефекти од климатските промени.
Линк до видео со инсерти од увидот на изградба на системот за наводнување „Дисанско поле“
Линк до видео од изјавата на вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска:
Линк до видео од изјавата на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски: