17 мај 2020
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на прес-конференција ги образложи мерките од третиот пакет за економска поддршка на граѓаните и стопанството на земјата кој денеска беше усвоен на седница на Владата.
Третиот сет, иако е поттикнат од ургентноста и вонредната состојба, содржи краткорочни и среднорочни мерки за ревитализација на нашата економија, а некои од нив имаат опсег и до крајот на годината, и заедно со ефектите од мерките првите два пакета, создаваат услови и за динамичен раст и нова развојна македонската економија.
Обраќањето на премиерот Спасовски, во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме во целост.
„Денеска го објавувам третиот пакет на економски мерки кој штотуку го утврди Владата. Ако првите два сета мерки го ублажувавме одразот на здравствената криза врз економијата, сега одиме чекор понатаму.
Третиот сет економски мерки се однесува на ревитализацијата, опоравување на економијата и стимулирање на потрошувачката и на индустријата.
Станува збор за таргетирани мерки, директна помош од државата и на граѓаните и на стопанството. Се подржуваат сите категории и социјални ранливи групи на граѓани и бизнисите.
Третиот пакет економски мерки освен што е едногласно усвоен на Владата тој е широко усогласен со експерти, коморите, синдикатите. Станува збор за директна финансиска поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството, награда за лекарите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија.
Toa што можеме да го заклучиме е дека првиот и вториот пакет економски мерки беа навремени и сериозни мерки за спас на работните места.
Беа сеопфатни и водени од принципот никој да не биде изоставен, и така точно димензионирани, ги запреа трендовите кои се закануваа да бидат катастрофални, и создадоа услови за третиот пакет економски мерки, кој има за цел да ги закрепне и да ги заживее со нова динамика домашните економски дејности.
Третиот пакет економски мерки ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството. Истиот содржи краткорочни и среднорочни мерки за ревитализација на македонската економија.
Ова се мерки за нова, развојна економија, преку кои ќе ја зголемиме потрошувачката и ќе стимулираме заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Со новата развојна економија ќе ја зголемиме и нашата конкурентност, и во регионот и пошироко.
Морам да нагласам дека креирањето на мерките од овој пакет беше направен максимално транспарентно и во целосно инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикатите, граѓанските организации, како и поединци, експерти во одделни области од социо-економската и финансиска сфера.
Сакам да напоменам дека сите три пакети мерки за поддршка на економијата, всушност во својот фокус ги имаат граѓаните на нашата земја, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарноста и креирањето амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот.
Оваа определба ја задржавме и во овој, трет пакет економски мерки, па така нашето внимание е целосно насочено кон граѓаните со нагласок на невработените лица, социјално ранливите категории, младите, домаќинствата со ниски примања, вработените во јавниот здравствен сектор и граѓани од други категории.
Дури и кога зборуваме и кога го помагаме и стопанството, односно домашните компании погодени од кризата, како и поддршката на земјоделството и туризмот, ние пред нас ги имаме вработените во тие дејности, нашите сограѓани кои секојдневно го вложуваат својот труд и на тој начин го помагаат не само развојот на компанијата, туку и економскиот развој на земјата.
Вредноста на мерките од третиот пакет изнесува 355 милиони евра и преку нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5.5% од БДП.
Почитувани граѓани,
Кога го креиравме Буџетот за 2020 година, рековме дека креираме буџет посветен на развојот на човечките ресурси во нашата земја затоа што тоа е најголемото богатство и потенцијал на Северна Македонија.
За жал, КОВИД-19 удри по здравјето и животот на нашите граѓани и на граѓаните и општествата во целиот свет.
Оттаму нашиот одговор на оваа закана, како и грижата за граѓаните на нашата земја, го поттикна креирањето на третиот пакет мерки во насока на поддршка на економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната и јавната потрошувачка како стимулатори на општествениот раст.
Затоа, во првиот столб од новиот пакет, како директна финансиска поддршка за граѓаните со цел стимулирање на потрошувачката со фокус на домашните производи и услуги и погодените сектори, воведуваме платежни картички за граѓаните - за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности.
- Како прво, околу 100 илјади граѓани на нашата земја ќе добијат платежна картичка вредна 9.000 денари за македонски производи и услуги.
Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош.
Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашни производи и услуги, се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија.
Но пред сѐ, се зголемува куповната моќ на граѓаните и со тоа се олеснува животот во услови на криза.
Оваа платежната картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.
- Исто околу 100 илјади наши граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6,000 ден и домашна платежна картичка од 3,000 ден
Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме домашниот туризам.
Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи.
Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, додека со платежната картичка поттикнуваме купување на домашни производи и услуги.
- Следува мерката парична поддршка за млади дo 6,000 денари, платежна домашна картичка од 3,000 денари и ваучери за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини
Ова е силна поддршка за младите, за да продолжи образовниот процес непречено и за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и ученичкиот стандард.
Мерката опфаќа ваучери од најмногу 6,000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи.
Мерката вклучува и платежна картичка за млади, во вредност од 3,000 денари за домашни производи и услуги.
Воведуваме и ваучери до 30,000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади.
Со покривањето на трошоците за тренинзи и обуки, ги подржуваме младите да стекнат знаења и вештини од информатичката технологија кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија.
Оваа мерка ќе опфати 100 илјади млади сограѓани, во вредност од 12 милиони евра.
- Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани
Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.
Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство.
- Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020
Со оваа мерка им даваме можност за паричен надоместок на сите лица кои ја изгубиле својата работа, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено, или добиле отказ од работодавачот.
Оваа мерка ги опфаќа лицата кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април кои имаат престанок на работа по сонов на невработеност за давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбен престанок на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот .
Почитувани,
Познато е, и докажани се искуствата кои укажуваат на тоа дека од секоја криза најважно е да се извлечат поуки и да се прилагодат и прераспределат ресурсите за нов развој во нови услови. Затоа, Владата на Северна Македонија презема мерки и соодветни долгорочни чекори од здравствената, а со неа и од социо-економската и финансиска криза, да се создадат предуслови и можности за структурни промени и раст.
За да го поттикнеме тоа, на мерките од претходните два пакета, го додаваме и новиот сет од овој трет пакет, како втор столб, за директна поддршка на македонското стопанство за иновативност и развој, за зачувување на постојните и отворање на нови работни места. Овој сет мерки содржи:
- Бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра - поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот
Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании а истата ќе понуди и 30% грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.
- Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг
Државата става на располагање финансиски средства за поддршка на за поддршка на Старт ап и мали и микро компании преку комерцијални банки со 10 милиони евра иницијален капитал за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик. поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.
Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.
- Нови 25 милиони евра за приватниот сектор - за нови пазари, конкурентност и модернизација
Согласно законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата им помагаме на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност како и модернизација на процесите.
- Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании
Со финансиска поддршка од 1 милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.
- Поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР
Нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село. Директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.
- Кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари
Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари.
Доаѓаме до третиот столб кој предвидува директна поддршка за земјоделците за нови приходи од плодната македонска земја
Со новиот пакет мерки во земјоделството вложуваме 76,1 милион евра.
- Првата мерка во овој дел е поддршката на аграрниот сектор од 5 милиони евра преку Развојната банка
Со 5 милиони евра ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.
- Следува платежната картичка за субвенционирање на 50% од зелената нафта за земјоделците
По ланското субвенционирање од 30%, со оваа мерка го зголемуваме субвенционирањето на потрошувачката на зелена нафта на 50%.
Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4,6 милиони евра.
- Воведуваме стимулирање на преработувачите на грозје за производство на нови продукти
Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните три години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.
- Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор
Тоа ќе го направиме со поддршка на модернизирањето и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извозуваат.
Оваа стратешка определба ќе донесе голем бенефит, првенствено за македонските лозари и тутунари, но и за самата држава и бруто домашниот производ. На краток рок, очекувањата за инвестициите треба да достигнат 10 милиони евра.
- Воведуваме долгорочен закуп на пасишта
Преку оваа мерка овозможуваме издавање на пасиштата на долгорочен закуп со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.
- Ќе понудиме окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство
Оваа мерка овозможува ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и поголема конкурентност на македонското земјоделство.
- Воведуваме Програма за финансирање на микро земјоделски компании
Со 3 милиони евра ќе овозможиме финансирање на старт-ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка, но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи.
- Мерки за модернизација на земјоделство
Со оваа мерка преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра ќе овозможиме модернизација на земјоделството со цел зголемување на конкурентноста и профитабилноста.
Почитувани граѓани на нашата земја,
Здравствените работници во битката со КОВИД-19 се во првите редови и тие го заслужуваат целото наше внимание и благодарност.
Заради нивната посветеност, надежта и оптимизмот во битката со КОВИД-19 беа реални, остварливи.
Во име на таа посветеност и во знак на благодарност, во име на народот на нашата земја, докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, на Универзитетската Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, На Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, како сите членови на тимовите од итна медицинска помош, ќе добијат 20% повисока плата за 2 месеци, која ќе биде исплатена преку домашна платежна картичка.
Почитувани,
Во завршницата на ова мое обраќање, сакам да потенцирам дека на пакетот број 3 од економските мерки правиме поттик за една нова, развојна македонска економија, и стимулираме заштита, промоција и раст на домашната економска понуда, а со тоа и нејзината конкурентност во регионот и пошироко.
Линк до прес конференција: