20 мај 2020
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 12-18 мај годинава, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19.
„Би сакала да истакнам дека инспекциските служби вложуваат максимални напори и го користат целосниот човечки капацитет, за целосно спроведување на сите препораки и за контрола на пријавите кои пристигнуваат од граѓаните или медиумите. Ја користам оваа можност да се заблагодарам на сите граѓани и на новинарите кои со своите укажувања ни помагаат да детектираме одредени отстапувања од почитувањето на воведените мерки и брзо да ги надминеме овие појави, бидејќи ваков тип на активизам помага да го заштитиме пред се јавното здравје, што е врвен приоритет на Владата и органите на државна управа во оваа здравствена и социо-економска криза“, посочи Филиповска-Грашкоска.
Во периодот од 12 до 18 мај, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализираа вкупно 2.895 вонредни инспекциски надзори, во врска со одлуките на Владата од кои произлегуваат препораки и мерки за спречување на ширењето на коронавирусот КОВИД-19.
Притоа, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, реализираа најголем број, односно 1.566 контроли, што е и разбирливо, ако се земе предвид дека нивните надлежности во овој период се и најобемни. Постапувано е во голем број на трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти.
„Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и притоа се затворени вкупно 14 угостителски објекти од кои 12 во Тетово, еден во Охрид и еден во Струмица за којшто е поднесена и кривична пријава. Исто така, кривична пријава е поднесена и за хостел во Скопје. Утврдени се и пет прекршоци од којшто едниот за непочитување на уредба од страна на банка, а останатите за неносење на лична опрема и непочитување на замрзнатите цени“, нагласи претседателката на Инспекцискиот совет.
Претседателката Филиповска-Грашкоска информираше дека Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период реализираше вкупно 682 контроли кај работодавачи, по планиран распоред или по доставена пријава од граѓани. За периодот од 12-18 мај од страна на овој инспекторат донесени се 15 решенија и 42 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.
Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 195 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
„Притоа изречени се вкупно 12 решенија заради неспроведување на контрола на штетници и заштита од нив, неводење на записи или лоши хигиенски услови, како и вкупно 8 казнени мерки едукации поради непримена на заштитни мерки против коронавирус, неводење евиденции за добра хигиенска пракса и неправилно означување на производите “, посочи Филиповска-Грашкоска.
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 12-18 мај направи вкупно 114 надзори. Констатирано е дека меѓу општинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95%. Во целосен прекин беа меѓуградските линии од Скопје кон Охрид, Битола, Ресен, Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно. Меѓуопштинскиот линиски превоз на патници на релација Скопје – Куманово и обратно и Скопје -Тетово и обратно исто така беше во целосен прекин по одлука на Влада на Република Северна Македонија, а по измената на одлуката на Владата донесена пред два дена, воспоставена е повторно редовна меѓуградска автобуска врска помеѓу Скопје и Куманово, со почитување на за 50% намален капацитет, односно преполовен број на патници.
Претседателката на Инспекцискиот совет ги презентираше и податоците за извршени надзори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за лекови и медицински средства.
„Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 286 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19. Исто така, во овој период издадени се 395 дозволи на транспортери професионални возачи, со кои дозволи се овозможува непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 52 контроли. Притоа е констатирано дека нема специфични отстапувања“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет упати апел да се почитуваат мерките за носење на заштитна опрема за вработените во правните субјекти и за граѓаните кои ги посетуваат, да се спроведуваат мерките за дезинфекција и за хигиена, како и за одржување дистанца од 2 метри при извршување на било која активност.
„Нашата цел, како инспекциски служби, не е само да изрекуваме казни за непочитување, напротив, насочени сме кон тоа да ги детектираме прекршувањата на препораките од Владата и да укажеме како истите да се надминат и на тој начин да се придонесе кон зачувување на колективното здравје“, заврши претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Линк до прес конференцијата: