21 мај 2020
Поддршка на инвестиции, на полесен пристап до капитал, наоѓање на нови пазари, извозна-ориентираност, дигитализација, модернизација, нови производи, како и вклучување на таргетирани категории како жени претприемачи и млади лица, преку мерки од третиот пакет насочени кон директна поддршка на стопанството. Денеска министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши ги презентираа овие мерки.
Министерката за финансии посочи дека овие мерки конкретно се насочени кон заштита на ликвидноста и работните места на краток рок, но и поддршка за развој и зголемување на конкурентноста на компаниите во пост-корона периодот.
Ангеловска посочи дека преку Развојната банка ќе се нуди нова линија на бескаматни кредити, а ќе се развие и гарантна шема за комерцијални кредити.
„Со бескаматни кредити за фирми преку Развојната банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра ќе се поддржат сите микро и мали фирми, а истата ќе понуди и 30% грант од ЕУ, за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење. Понатаму преку развивање на државна гарантна шема за комерцијални кредити преку Развојната банка ќе се овозможи полесен пристап до капитал за фирмите, за ликвидносни потреби, за инвестиции за зголемување на конкурентност и истата се користи ширум светот токму за периодот на заживување на економијата“, вели Ангеловска.
Понатаму ќе се поддржи пласман на компаниите на нови пазари и подобрување на конкурентноста, прво преку 25 милиони евра за приватниот сектор преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата, а во соработка со стопанските комори, понатаму преку развивање на дигитална платформа, за текстилна, чевларска и индустрија за производство на мебел. Предвидени се и 1.6 милиони евра поддршка за Старт ап компании и мали и средни фирми за воведување на нови процеси, иновации, освојување на нови пазари, дигитализација и зголемување на конкурентност, како и 3 милиони евра преку Фондот за иновации и технолошки развој.
Министерот за економија Крешник Бектеши се осврна на мерките од третиот пакет кои се реализираат преку Министерството за економија и се во вредност над 50 милиони евра.
„Туризмот и угостителството се најпогодени сектори од оваа здравствено-економска криза, затоа и поддршката којашто преку сите три сета мерки ја даваме за овој сектор е најголема во овој дел. Во третиот пакет мерки предвидена е поддршка од 16 милиони евра за ваучери за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 денари нето месечно и немаат други приходи. Оваа мерка опфаќа околу 100 илјади граѓани и ќе започне да се реализира со почетокот на туристичката сезона.“
Министерот Бектеши потенцираше дека оваа криза можеме заедно да ја претвориме во можност за сите нас.
„Со цел да го заштитиме домашното прозиводство, да им помогнеме на домашните производители и компаниите кои се погодени од оваа криза и заеднички да ја направиме нова можност за сите нас. Затоа е и оваа поддршка од 16 милиони евра ваучери за граѓаните кои можат да ги искористат во домашните угостителски објекти“, истакна Бектеши.
Министерот за економија, Бектеши посочи дека во Буџетот на Министерството за економија се предвидени средства и за финансиска поддршка за приватниот сектор, економијата и индустријата во вкупна вредност од околу 400 илјади евра преку креирање на програма за зајакнување на конкурентноста на компаниите и индустријата, согласно Законот за финансиска поддршка на претпријатијата, а предвидена е реализација на мерка за поддршка за модернизација на компаниите и за освојување на нови пазари, пред се за одбрани индустрии со фокус на текстилна и чевларската индустрија и производство на мебел и ПВЦ производи - на која домашните компании ќе може да ги нудат и пласираат своите производи на странските пазари и преку алтернативен начин на продажба.
Ќе се кофинансираат и настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата, а до максимален износ од 30.000 денари.
Линк до прес конференција: