22 мај 2020
Заменичката на престедателот на Владата за економски прашања Мила Царовска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, придружувани од градоначалникот на општина Конче, Благој Илиев, денес ја посетија оваа општина, кадешто направија увид во градежните работи на потпроектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на Сончевата езерска населба Мантово и околината.
Овој потпроект, кој е во завршна фаза и е во вредност од 295 илјади евра е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, а се спроведува со финансиски средства на Владата на Република Северна Македонија и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светска банка.
По извршениот увид на градежните работи, Вицепремиерката за економски прашања посочи дека се реализираат инвестиции со кои се поттикнува локалниот економски развој и со кои се овозможува развој на сите региони и општини во земјата. Таа додаде дека природните убавини се вистински предизвик за туристите, при што нагласи дека Република Северна Македонија има голем број на мали места со голем туристички потенцијал коишто треба да се промовираат и да се понудат и на домашните и на странските гости.
„Инвестицијата во проектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на „Сончевата населба Мантово“, во вредност од 295 илјади евра, со која се доопремува и се зголемува атрактивноста на оваа локација ќе придонесе кон локалниот економски развој на општина Конче. Воедно, во оваа ситуација, во којашто се наоѓаме како држава, а во која се наоѓа и целиот свет, кога сме насочени да работиме во посебни услови поради здравствената криза, ќе можеме оваа година како граѓани да се свртиме кон домашните атрактивни туристички места и на тој начин да им дадеме на значење. Сметам дека патот кој е направен и уредувањето на просторот, преку финаниската поддршка обезбедена со проектот, даваат поинаква и поубава слика за оваа туристичка локација и ќе придонесе кон привлекување на поголем број домашни и странски туристи. Овој потпроект е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, и не би била можна без финанската поддршка од Европската Унија и поддршката од Светската банка, преку која целиот проект се реализира“, потенцира вицепремиерката Царовска.
Вицепремиерката додаде дека со Проектот за локална и регионална конкурентност се реализираат повеќе потпроекти во 10 дестинации во земјата, пришто додаде дека вложувањата коишто во моментот се реализираат за зголемување на атрактивноста на овие туристички локации ќе придонесат за справување со економската криза, предизвикана од здравствената криза, а понатаму и за побрз равој на алтернативниот туризам.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски нагласи дека овој проект е продолжение на активностите коишто беа започнати од Министерството за локална самоуправа, а кои се дел од прекугранична соработка, преку ИПА програмата со Република Бугарија и Република Грција.
„Сега со овие нови патишта во должина од 6,5 километри и со пешачките патеките во должина од 3 километри, го доопремуваме и го правиме попристапен за граѓаните и туристите овој предел. Министерството за локална самоуправа, преку проекти на Бирото за регионален развој инвестира дополнителни 200 илјади евра за изградба на нови улици во Сончевата езерска населба Мантово и околината, со што ги подобруваме условите за живеење на граѓаните, но и ги унапредуваме можностите за изградба на нови сместувачки капацитети или викенд куќи во населбата. Се надеваме дека ова место ќе биде атрактивна туристичка дестинација за граѓаните, особено од околните населени места и особено во овој период кога здравствената криза ја ограничува можноста за планирање на одмори надвор од земјата“, потенцира министерот Милевски.
Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, напомена дека во изминатите три години, преку буџетот на Република Северна Македонија и со финансиски средства од странските донатори, за локален и регионален развој се инвестирани преку 100 милиони евра.
„Искористувањето на различните програми за регионален развој го имаме денес, во општина Конче, на езерото Мантово. Му честитам на градоначалникот на општината кој ги препозна можностите кои се нудат преку овие проекти. Тука се реализирани три проекти, од различни програми: преку Проектот за локална и регионална конкурентност, преку ИПА програмата за прекугранична соработка, но и преку Програмата за рамномерен регионален развој“, рече заменикот министер Павлески.
Градоначалникот на општина Конче, Благој Илиев, изрази задоволство од поддршката на Владата и министерството за локална самоуправа во реализација на проекти со кои се подобрува животот на граѓаните и се унапредуваат можностите за локален економски развој и истакна дека општината ќе продолжи да реализира проекти во насока на повисок квалитет и подобри можности за граѓаните.
Линк до видео со инсерти, изјава на вицепремиерката Царовска, министерот Милевски, заменикот министер Павлески и градоначалникот Илиев: