3 јуни 2020
Граѓаните кои ќе бидат корисници на домашната платежна картичка нема потреба да аплицираат или да се пријават за да ја добијат. Соодветните институции (УЈП, МОН, ФЗО) изготвуваат листа на сите граѓани и вработени со низок доход, листа од сите ученици и студенти и листа на сите здравствени работници, кои ги исполнуваат условите за да добијат домашна платежна картичка.
Корисниците ќе ја добијат домашната платежна картичка на домашна адреса или ќе можат да ја подигнат од банката издавач, без да аплицираат. Наскоро, на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, граѓаните ќе може да проверат дали им следува, односно дали се корисници на некоја од платежните картички и која е нивната банка издавач.
Корисниците ќе бидат исконтактирани од банките. Целиот процес е направен да биде максимално едноставен за корисниците, без пријавување или аплицирање, туку институциите да ја завршат целата постапка за нив.
Корисници на домашни картички се:
- Граѓани со низок доход: Приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22.05.2020, кои оствариле нето доход до 180.000 ден во 2019 и нето доход до 60.000 денари во период од јануари до април 2020 година, согласно евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат картичка со 9.000 денари;
- Вработени со низок доход: Лица кои се во работен однос и кои за периодот од јануари до април 2020 година, оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Овие корисници ќе добијат картичка со 3.000 денари;
- Млади лица: Лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години (заклучно 22.05.2020) година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование. Тие ќе добијат картичка со 3.000 денари;
- Здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19: Вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од КОВИД-19. Овие здравствени работници ќе добијат картичка со износ од 40% од основната нето плата.