4 јуни 2020
Владата на Република Северна Македонија ги информира компаниите и граѓаните дека за претстојниот полициски час којшто почнува вечерва во 21:00 часот продолжуваат да важат сите дозволи за движење издадени за време на претходните забрани за движење. Овие дозволи се однесуваат за економските оператори, рестораните и доставувачите на храна, и за маркетите.
Исто така забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 08:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраните за движење не се однесуваат и за земјоделците коишто извршуваат земјоделските активности на отворено, при што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исто така од забраната за движење се исклучуваат припадниците на полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари).
Според владината одлука донесена врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, а со цел да се спречи ширењето на КОВИД-19 од вечерва од 21:00 часот се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Забраната за движење е на сила до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот.
Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро, а во петок, сабота, недела во овие градови забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.
Исто така во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.