Царовска на состанок со ССМ, граѓанските организации и инспекторатите: Почитувањето на протоколите за заштита од Ковид-19 во фабриките е наш приоритет

10 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, денес одржа редовна координација со претставници на Министерството за труд и социјална политика, претседателката на Инспекцискиот совет, директорите на пазарниот и трудовиот инспекторат, претседателот на ССМ и граѓанските организации „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет за човекови права“, „ХЕРА“, „Платформа за борба против сиромаштија“ и „Мрежа против насилство врз женитe“.

Фокус на состанокот преку апликацијата „Zoom“, беше состојбата со Ковид-19 во текстилните фабрики во Штип, почитувањето на протоколите за заштита и работничките права, како и споделување на информации за спроведувањето на мерката финансиска поддршка за исплата на плати.

„Владата прави максимални напори да воспостави баланс помеѓу работниците и работодавачите, притоа максимално се внимава на придржување до Владините мерки во услови кога се соочуваме со светска пандемија. Затоа ни е потребна координирана соработка од сите засегнати страни. Апелирам на засилени инспекциски надзори на инспекциските служби и очекувам максимално почитување на протоколите за заштита, од страна на работниците и работодавачите, како и соработка со граѓанските организации и синдикатите од кои добиваме важни информации за непочитувања на Владините мерки од страна на компаниите“, рече Царовска.

Вицепремиерката посочи дека овие редовните состаноци помеѓу синдикатите , граѓанските организации и инспекторатите се од суштинско значење бидејќи ја зајакнуваат соработката и придонесуваат за поефикасно спроведување на мерките на терен.
 

English
АКТУЕЛНОСТИ: