13 јуни 2020
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за финансии Нина Ангеловска денеска ја промовираа Платформата „Дома си е дома“ (www.domasiedoma.gov.mk) преку која се реализира мерката за издавање на ваучери од 6.000 денари за домашен туризам на граѓани со ниски приходи.
Ваучерите за домашен туризам се дел од Третиот сет економски мерки на Владата кои имаат за цел да го заживеат туристичкиот сектор кој е најпогоден од корона кризата во фазата на реотварање.
Покрај ваучерите за домашен туризам, граѓаните со ниски приходи ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари.
Како што потенцираше министерот Бектеши, со оваа мерка ќе се слеат 10 милиони евра во домашниот туризам, преку граѓаните.
„Вкупно 117.122 граѓани со ниски приходи ќе добијат ваучер за домашен туризам, согласно листата која што Министерството за економија ја доби од Управата за јавни приходи. На листата на добитници на ваучер, се сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно или вкупно 60.000 денари во периодот од јануари до април 2020 година. Граѓаните кои се на листата на добитници ваучерите за туризам ќе ги добијат преку емаил кој го имаат доставено во УЈП, односно за истите не е потребно да аплицираат. На платформата „Дома си е дома“ која од денеска е активна, сите граѓани со впишување на својот единствен матичен број ќе можат да проверат дали се добитници на ваучери“ кажа Бектеши.
Како што потенцираше министерот, секој ваучер гласи на име и презиме. Ваучерот содржи QR код, ваучер код и пин код. Лицето ќе мора да го покаже ваучерот при искористувањето на давателот на туристички услуги. Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета.
“Ваучерите ќе може да се искористат од 15 јули 2020 до 15 декември 2020 за сместувања и патувања во земјата. На Платформата освен листата на добитници ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои мора да бидат категоризирани имаат рок до 30 јуни да се регистрираат и да ги понудат своите сместувачки капацитети. На тој начин сите граѓани кои се добитници на ваучери за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер“, потенцираше министерот Бектеши и информираше дека по барање на туристичкиот сектор намален е бројот на членови во Комисијата за категоризација на хотелските објекти, како и рокот за завршување на постапката за категоризација од 30 на 15 дена.
Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните Министерството ќе врши исплата на средствата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам, кажа министерот и информираше дека во исто време Министерството за економија заедно со Агенцијата за поддршка на туризмот ќе спроведе кампања ДОМА СИ Е ДОМА и PUSHIME NE VEND на која ќе се промовирааат туристичките потенцијали на Република Северна Македонија, но овој пат за нашите граѓани односно за домашните туристи.
Министерката за финансии Нина Ангеловска повтори дека мерките за ваучери за домашен туризам, како и домашната платежна картичка имаат повеќе цели, односно со цел финансиска поддршка на граѓаните, на економијата, формирање свест за купување на македонски производи, за ориентација кон безготовинско општество, за воведување на субјекти од неформалната во формалната економија, како и намалување на бирократијата, односно де-бирократизација на процесите која ни ја овозможуваат технологиите.
“Станува збор за две навистина обемни мерки како од аспект на опфат на граѓани односно 325.000 лица, но истовремено и финансиски обемни. Ваучерите се во вредност над 10 милиони евра, додека домашните платежни картички во вредност од 28 милиони евра. Значи околу 40 милиони евра за навистина кус период ќе се влеат во домашното стопанство и ќе се насочат кон македонскиот туризам и домашните производи. Овие средства се поддршка за нашите граѓани, но се и важна финансиска инјекција за нашата економија, за домашните фирми, особено кога стопанството треба да почне да се враќа на нозе“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека овие мерки треба да придонесат и за креирање на безготовинско општество, а со тоа и намалување на неформалната економија, а од аспект на неформалната економија, мерката за ваучерите за домашен туризам треба да придонесе за регистрирање на многу сместувачки капацитети каде овие ваучери ќе се користат и со тоа овие субјекти ќе се воведат во формалната економија.
Ангеловска истакна дека овие мерки и проекти се и во насока на подобрување на функционалноста на македонската администрација. Со овие обемни акции - кои опфаќаат 325.000 корисници на домашната платежна картичка и 117.000 корисници на ваучерите за домашен туризам, се покажало дека не мора се да биде бирократија, како и дека ова е прва ваква акција и е база за понатаму.
Ангеловска посочи дека многу важен аспект на овие мерки е јакнењето на свеста за поддршка на домашното производство и услужен сектор. Секој вложен денар во домашните производи, во услужниот сектор - е вложен денар во зачувувањето на овие компании, а со тоа и на бројни работни места кои тие ги креираат, рече Ангеловска.
Во насока на купување на домашни производи, како што рече министерката, Владата донела уредба за поголем поврат на ДДВ за домашни производи, кој досега изнесуваше 15% од платениот данок на додадена вредност, а отсега ќе изнесува 20% од платениот ДДВ. Од друга страна за странските производи повратот се намалува на 10% од платената сума на ДДВ, во насока да се стимулираме сите граѓани да придонесат во поттикнувањето на домашното производство и услужниот сектор.
Линк до прес конференција: