Вицепремиерката Царовска и заменикот министер за економија Колемишевски во Oхрид – Ваучерите за туризам и платежните картички за граѓаните ќе влијаат на опоравување на туристичкиот сектор

23 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заедно со заменикот министер за економија Кирил Колемишевски, остварија посета на оваа општина, пришто се сретнаа со членовите на здружението на пензионери и претставници од граѓански организации, како и со сопственици и управители на хотели и други објекти за сместување кои оперираат во охридско-струшкиот регион.

Вицепремиерката рече дека средбата со хотелиерите е искористена за да се продискутира правилната примена на протоколите за отворање и работа на хотелите и другите сместувачки капацитети, во насока на превенција и спречување на ширењето на коронавирусот Ковид 19, како и за актуелната кампања „Дома си е дома“ и за наредните чекори за опоравување на туризмот, како една значајна економска гранка, особено во овој регион.

„Владата на Република Северна Македонија додели ваучери за туризам на повеќе од 100 илјади граѓани, половината се веќе доставени до граѓаните, а втората половина се очекува да биде дистрибуирана многу скоро. Целта е нашите сограѓани да ги искористат домашните сместувачки капацитети, за време на годишните одмори, којшто секој еден граѓанин и работник треба да го има во текот на една година, а воедно ќе ги помогнеме хотелите и угостителите, кои со месеци беа затворени поради одлуките на Владата за полесно справување со коронавирусот“, посочи вицепремиерката Царовска.

Вицепремиерката нагласи дека со правилно почитување на протоколите, со добра комуникација помеѓу Владата и компаниите од туристичкиот сектор, директно ќе се влијае на опоравување на економијата на земјата и привлекување на домашните туристи помасовно и почесто да ги посетуваат домашните туристички локации.

Заменикот министер за економија Кирил Колемишевски презентираше дека над 100 илјади лица, со месечен приход кој не надминува 15.000 денари, ќе добијат ваучери за туризам, коишто ќе може да ги искористат во домашни сместувачки капацитети и дополнителна картичка со  3.000 денари за купување на домашни производи и услуги, со што директно се помага на раздвижување на македонската економија.

„Со овие две мерки, се овозможува поддршка за домашната економија, особено за туристичкиот сектор, којшто претрпе сериозни загуби од почетокот на корона кризата. Ќе се обидеме и понатаму да им излеземе во пресрет на хотелиерите и на граѓаните да може да уживаат во македонските туристички места, своите средства да ги трошат токму тука, а со тоа да ја развиваат и домашната економија“, нагласи Колемишевски.

Управителот на хотел Гранит, Перо Кутаноски, во име на хотелиерите од Охрид, Струга и здружението Хотам, истакна дека хотелиерите се потполно подготвени да работат во согласност со усвоените протоколи, за кои и самите помогнале во изработката.

„Се надеваме на успешна туристичка сезона, свесни сме дека нема ништо да биде како порано. Имаме нов начин на работа и структура на гости. Очекуваме домашниот туризам да заземе голема бројка во оваа сезона. Се надеваме на успешна сезона, преку искористеност на ваучерите за туризам, доделени преку Владата на граѓаните. Подготвено го очекуваме почетокот на туристичката сезона“, нагласи Кутаноски. 

 

Линк до видео со инсерти од средбата и изјави на вицепремиерката Царовска, заменикот министер Колемишевски и управителот на хотел Гранит Кутаноски:

English
АКТУЕЛНОСТИ: