24 јуни 2020
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денес извршија работна посета на новата градинка изградена во населбата Бардовци.
По посетата на градинката, Вицепремиерката за економски прашања посочи дека станува збор за современ објект за детска заштита, изграден по европски стандарди.
„Целосно, агендата на оваа Влада за инвестирање во предучилишно образование, во најмладите, односно во децата кои се на возраст до 5 години, за да создадеме продуктивни граѓани кои понатаму ќе ја градат нашата држава, е еднаква со агендата на Европската Унија. Тоа е создавање на предучилишно образование кое е квалитетно. Не само што инвестиравме во 44 градинки кадешто реновиравме и го проширувавме капацитетот, туку отворивме и дополнителни 3.000 места за згрижување на децата во овие две и пол години. Ги покачивме платите и на негователките и на воспитувачките, со цел да имаме помотивиран кадар кој ќе работи и ќе ги гради и воспитува нашите деца. Работиме и на посебна програма за предучилишно образование, којашто треба да се имплементира во вакви современи објекти, за да создадеме услови да нашите деца се стекнат со знаења и вештини, за да ги пресретнат современите предизвици со кои би можеле да се соочат во текот на животот“, потенцираше вицепремиерката Царовска.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ рече дека вложувањето во децата е единствен начин да изградиме здраво граѓанско општество и токму затоа врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и Владата во изминатиот период е намалување на детската сиромаштија, а предучилишното образование и раниот детски раст и развој се навистина клучни фактори во обезбедување на еднакви можности и еднаков старт на секое дете.
„Министерството за труд и социјална политика одвои околу 3 милиони денари за опремување на овој објект, во којшто ќе може да се згрижат околу 78 деца. Знаете дека за квалитетно предучилишно образование покрај инвестиции во инфраструктурата е битно и да имаме и квалитетен, обучен и мотивиран кадар и токму затоа работевме и на зголемување и на платите на воспитувачките кои беа опфатени со реформата, работевме на нови програми коишто треба да влезат во ревидираната програма за рано учење и развој, а нашата држава е една од првите држави коишто воведоа пилот програма за социо-емоционален развој на децата во градинките. Продолжуваме понатаму во оваа насока, заедно со Светска Банка имаме обезбедено над 15 милиони евра за обезбедување на нови 7.500 места низ градинките за згрижување деца. Гледате дека се трудиме подеднакво да инвестираме како во урбаните така и во руралните средини, коишто навистина, кога станува збор за детски градинки беа долго време запоставени, затоа што навистина секое дете е битно за развојот и иднината на оваа држава“, посочи Шкријељ.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, објасни дека градинката „Виножито“, која се наоѓа во општина Бардовци, е еден од најновите објекти од овој тип во Карпош и може да прими 78 деца. Градинката ќе се користи за згрижување на децата од населбите Злокуќани и Бардовци, кои досега немаа никакви капацитети за деца од предучилишна возраст.
„Ме радува фактот што објектот е енергетско ефикасен и е опремен со современи дидактички материјали и еколошки играчки. Објектот е изграден со поддршка од Европската Унија и Светска банка, всушност овој објект вистински го претставува значењето на ЕУ за сите нас, тоа не е флоскула и парола, ЕУ значи конкретни инвестиции, како што е оваа градинка“, кажа градоначалникот на Карпош Богоев.
Линк до видео со инсерти од работната посета и изјави на вицепремиерката Царовска, дополнителната заменичка министерка Шкријељ и градоначалникот Богоев: