Вицепремиерката Царовска, заменик министерот Бајрактар и дополнителната заменичка министерка Шкријељ– Реновиран домот „11 Октомври“, се трансформира во Центар за поддршка на згрижувачките семејства

25 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денес извршија увид во завршните работи на реновирањето на просториите на детскиот дом „11 Октомври“,  каде што ќе биде сместен регионалниот Центар за поддршка на згрижувачките семејства.

По извршениот увид, вицепремиерката Царовска рече дека oва е прв ваков центар во нашата држава. Таа додаде дека треба да се отвори уште еден Центар за поддршка на згрижувачки семејства, во општина Битола, којшто исто како центарот во Скопје ќе биде регионален.

„Целта на овој тип на центри е поддршка на семејствата коишто згрижуваат деца кои се во институции, биле во институции или деца коишто имаат ризик да бидат ставени во институции, се со цел тие да добијат соодветна грижа и подготовка за можеби сместување во згрижувачките семејства. Дополнително, мајките коишто се во ризик да ги остават своите деца во институции истотака може да добијат поддршка во овој тип на центри. Во делот на социјална заштита згрижувачките семејства имаат голема и клучна улога, во тоа да обезбедиме соодветна грижа и семејна нега за сите деца коишто се во ризик или останале без своите родители“, потенцира Царовска.

Вицепремиерката додаде дека со Законот за социјална заштита, којшто се донесе во 2019 година, овој тип на центри се дефинираше и законски, но исто така се зголемија и надоместоците за згрижувачките семејства затоа што не само што им е потребна професионална поддршка и тренинг на згрижувачките семејства, им се потребни и финансиски средства. 

„Токму затоа за 30% се зголемија и надоместоци за згрижување на едно, две или пет деца колку што е максимумот во едно згрижувачко семејство. Да не заборавиме дека згрижувачките семејства навистина помогнаа во нашата држава за да го завршиме процесот на реинституционализација на деца и токму со нивна поддршка и со поддршка на малите групни домови денеска немаме повеќе деца до 18 години во институциите во нашата држава, а овие институции коишто порано беа домови за деца сега се трансфомираат и стануваат услуги за социјална заштита на локално ниво. Понатаму и другите институции коишто се затворени продолжуваме да ги трансформираме во современи услуги коишто значат директна поддршка за грижа на нашите деца и ранливи групи на граѓани“, нагласи вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.     

Заменикот министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар истакна дека со реновирањето на просториите на поранешниот детски дом „11 октомври“ и негова пренамена во Центар за поддршка на згрижувачките семејства, на дело се покажува грижата кон најранливите лица.

„Згрижувањето на децата е благородна мисија, за поддршка на децата кои останале без родители и родителска грижа. Тие сега растат во семејна средина. За да можат згрижувачите успешно да се справуваат со предизвиците, потребна е поддршка за брзо надминување на проблем или посистематско стекнување на знаења и вештини. Во тек е формирање на два центри за поддршка на згрижувачките семејства и тоа како организациони единици ќе бидат домот „11 Октомври“ во Скопје и „Домот на доенчиња и мали деца“ во Битола. Реновирањето на просториите во детскиот дом, кадешто е сместен Центарот за поддршка на згрижувачките семејства, во чии рамки ќе функционира и центар за поддршка на мајки со деца, се рализира со поддршка од УНИЦЕФ, за чија поддршка изразуваме голема благодарност“, подвлече заменикот министер за труд и социјална политика Бајрактар.

 

Линк до видео со инсерти од работната посета и изјави на вицепремиерката Царовска и заменикот министер Бајрактар:

English
АКТУЕЛНОСТИ: