Вицепремиерката Царовска на средба со еснафот во Старата скопска чаршија – Преку 5.200 занаетчии се поддржани да ја надминат кризата со мерката за субвенционирање на минималната плата во месеците април и мај

26 јуни 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, денес оствари средба со претставници на еснафот во Старата скопска чаршија по што заедно со претседателот на здружението, Бејто Морина, извршија обиколка на дуќаните во чаршијата.

Вицепремиерката Царовска, по средбате со здружението и обиколката на чаршијата, рече дека со занаетчиите разговараше за предизвиците со кои се соочуваат за време на кризата предизвикана од коронавирусот, но и генералните предизвици на дуќанџиите кои работат во Старата скопска чаршија.

„Чаршијата е душата на Скопје, навистина таа дава посебно чувство кога се движите низ неа. Остварив и средба со дуќанџиите кои искажаа благодарност за поддршката од страна на Владата, за субвенционирање на минималната плата за вработените во услови на пандемијата, а го кажаа и своето размислување дека поддршката треба да продолжи и понатаму доколку и кризата продолжи.  Владата, како досега, така и отсега, директно со засегнатите страни, во овој случај еснафот од чаршијата, ќе продолжиме да ги разгледуваме можностите за нивна поддршка.  Досега, во месеците април и мај, мерката за субвенционирање на минимална плата, самостојните вршители, односно занаетчиите, ја искористиле повеќе од 5.200 вработени и во двата месеци. Тоа значи дека тие продолжиле да работат, ги задржале работните места, што беше и главна цел кога ја дизајниравме мерката. Воедно, работодавачите, сите оние кои се сопственици на дуќаните, на непосредните средби, истакнаа дека оваа мерка помогнала да ги задржат работниците, да не останат без вработени и да во наредниот период се обидат да се рехабилитираат и да се вратат во полн капацитет во последниот квартал од 2020 година“, нагласи вицепремиерката Царовска по средбата со претставниците на здружението и средбите со стопанствениците од Старата скопска чаршија.

Претседателот на здружението на еснафот на Старата скопска чаршија, Бејто Морина, рече дека на средбата се разговараше за субвенциите од Владата, односно поддршката во време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот Ковид 19.
„Добивме помош за сите вработени, преку мерката за минимална плата, тие средства ни помогнаа колку-толку да се среди оваа ситуација, затоа што ако не беше таа помош од владата досега сите вработени ќе беа исклучени од работа.  Покрај тоа разговаравме и за други проблеми, проекти и за други работи во иднина,  затоа што не знаеме колку ќе трае оваа пандемија. Бараме да ни се излезе во пресрет, да ни се помогне за да можеме да издржиме во оваа криза  и да излеземе од неа колку што може побезболно“, рече претставникот на еснафот на Старата скопска чаршија Бејто Морина. 

 

Линк до видео со инсерти од средбата со претставници на еснафот и обиколката на Старата скопска чаршија и изјави на вицепремиерката Царовска и претседателот на еснафот, Бејто Морина:

English
АКТУЕЛНОСТИ: