26 јуни 2020
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, оствари средба со директорот на АД Градски трговски центар (ГТЦ), Ѓоко Трајчевски и здружението на стопанственици и дуќанџии кои работат во ГТЦ.
Вицепремиерката Царовска истакна дека е задоволна од одличниот однос помеѓу управата на АД Градски трговски центар и здружението на стопанственици во истиот, како и од заклучоците на стопанствениците кои сметаат дека во изминатите две и пол години се направени сериозни чекори за враќањето на животот и амбиентотво ГТЦ.
„Не само што е направена техничка промена на управата и се подобрени условите за работа, како за купувачите, така и за стопанствениците, воедно се создадени релации за заедничко инвестирање, заеднички развој на овој објект, а понатаму и развој на стопанските субјекти кои функционираат во овој простор“, рече Царовска.
На состанокот се дискутираше и за предизвиците со кои се среќаваат стопанствениците за време на кризата предизвикана од коронавирусот.
„Стопанствениците истакнаа дека искористиле голем дел од мерките. Мерката за субвенционирање на минималната плата во износ од 14.500 денари помогнала да ги задржат своите вработени на работните места. Би сакала да истакнам дека околу 19 илјади фирми и во април и во мај, ги користеа овие мерки, за покривање на минимална плата на околу 120 илјади работници во нашата држава, со што помогнавме да нема драстично зголемување на процентот на невработеност“, подвлече вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Директорот на АД Градски трговски центар, Ѓоко Трајчевски рече дека за првпат во последните 48 години во ГТЦ е направена сериозна инвестиција од градот Скопје, со изградбата на Зелената градина.
„Имавме еден конструктивен разговор за идниот развој на Градскиот трговски центар со вицепремиерката Царовска, здружението на стопанственици на ГТЦ и дуќанџиите. Заедно се договоривме во иднина да направиме работна група, на која би се разгледувале сите проекти кои ги има АД ГТЦ и здружението на стопанственици, да најдеме најсоодветни решенија и да дојдеме до квалитетни проекти кои би можеле да ги имплементираме во периодот кој следи. Најголемиот проект сега е секако „Зелената градина“, кадешто го сменивме целото осветлување, од неонско во лед осветлување, со што се намали потрошувачката на електрична енергија“, рече директорот на АД ГТЦ Трајчевски.
Линк до видео со инсерти од средбата и изјави на вицепремиерката Царовска и директорот на АД ГТЦ Трајчевски: