29 јуни 2020
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, денес ја посетија компанијата Пакомак, корисник на кофинансиран грант за комерцијализација на иновации преку ФИТР.
Вицепремиерката Царовска, по средбата на директорот на Пакомак, посочи дeка оваа компанија е одличен пример за општествено одоговорна компанија која во пракса покажува што значи да се воведуваат европски стандарди и европски иновации во нашата држава.
„Покажавме како влада дека навистина вложуваме во реалниот сектор, се со цел да тие имаат побрз технолошки развој, а со тоа да се раздвижи економијата на еден поинаков и иновативен начин кај нас. Оние инвестиции кои се случуваат преку ФИТР навистина даваат значење и тоа го гледаме низ секојдневните посети на компаниите. Не само што ние ја развиваме економијата, во суштина со ваков тип на иновации ние добиваме и повисоко платени работни места. Од друга страна, Пакомак покажува дека заштитата на животната средина и рециклирањето може да стане наше секојдневние и тоа се покажува и во европските земји. Токму затоа тие европски стандарди се оние коишто ние ги носиме. Дополнително сакам да истакнам дека навистина ФИТР води грижа и за родовиот баланс. Околу 33% од компаниите кои се поддржани од ФИТР во изминатите 2 и пол години се раководени или основани од жени. Секако дека тој процент треба да се зголемува постојано и ги поттикнуваме жените што се претприемачки да аплицираат во ФИТР. Сакам да истакнам и дека овие инвестиции од државата преку ФИТР, се за многу пати зголемени, тоа го истакна и директорот. Само за споредба до 2017 имало 36 компании поддржани преку ФИТР додека во 2 ипол години имаме десет пати и повеќе поддржани компании. Ова укажува дека инвестициите се реални, финансиските средства коишто одат во комапниите даваат добри резултати и тие имаат потреба од ваков тип на поддршка“, истакна вицепремиерката Царовска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски посочи дека компанијата „Пакомак“, е една од 430 микро, мали и средни домашни компании коишто користат средства од ФИТР во изминатите 3 години.
„Обемот за финансирање на сите овие 430 домашни компании е некаде околу 72 милиони евра, од коишто државата учествува со 55%, што значи дека останатите средства некаде околу 30-на милиони евра, се средства коишто ги вложуваат самите компании вклучително и фирмата Пакомак. За 70 пати е зголемен обемот на финансирање во изминатите 3 години. Тоа покажува дека и економијата има потреба од државна помош, но и дека Владата со навремени и добро подготвени мерки излегува во пресрет. Анализите што веќе ги завршивме заклучно со 2019 година, говорат дека од овие комапнии речиси 80% веќе работат со добивка, дека во однос на годините пред да реализираат инвестиции добивката расте со 71%, дека бројот на работни места се зголемува за 10%, дека просечната плата расте за 11%. Во поголемиот дел од овие компании просечната плата е веќе над 40.000 денари што само покажува дека економските политики што се спроведуваат, особено на Планот за економски раст преку програмите на ФИТР даваат резултати“, подвлече директорот на ФИТР Деспотовски.
Извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски, информираше до каде е развојот на повратната вендинг машина за пластични шишиња, која Пакомак ја развива како дел од проектот за кој користат кофинансиран грант за комерцијализација на иновации преку ФИТР, при што ја нагласи благодарноста кон Фондот и Владата, со оглед на тоа што овој тип на финансиска и стручна поддршка навистина многу им помага за навремена имплементација на проектот.
„Во моментот сме некаде до половина од развојот на оваа машина, која очекуваме да ја имаме како прототип, некаде во октомври оваа година, а како финален производ во јули следната година. Очекуваме оваа машина да придонесе многу во собирање на чиста пластична амбалажа и лименки од населението при што ќе добиваат одреден бенефит оние кои ќе ја користат таа машина, како поени што потоа може да им користат или за плаќање на јавни сервиси или во супермаркетите со кои преговараме кадешто ќе може да ги конвертираат во пари. Очекуваме дека со комерцијализација на оваа машина ќе можеме дел од тие машини да понудиме и на соседните земји и да предонесеме и во извозот на технологија од нашата земја, бидејќи машината ја развиваме со Факултетот за електротехнички науки и мислиме дека ќе биде многу современо, модерно решение коешто ќе биде конкурентно и нарегионалниот и европскиот пазар“, кажа извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.
Машината која ја иновира Пакомак ќе овомозможи на секој граѓанин да може да дојде и да пушти шишиња и лименки. На крајот од процесот со посебна апликација граѓаните ќе може да наполнат поени на својот мобилен телефон, кои потоа, тие поени ќе може да ги користи за евентуално плаќање на јавни услуги, за плаќање билети за јавен превоз, театар, филхармонија, супермаркет, за да им се намали сметката за комунален отпад, ќе постојат многу начини како да ги искористат поените. На самиот почеток ќе се започене со една или две опции за да се види функционалноста, а понатаму како ќе се идентификуваат проблемите, ќе се наоѓаат решенија за нивно надминување, по што е можно проширување на 20-тина опции кој секој граѓанин ќе може да ги користи и на некој начин граѓаните ќе имаат и одреден бенефит, затоа што покажуваат повисок степен на еколошка свесност и рециклираат.
Линк до видео од инсерти и изјави на вицепремиерката Царовска, директорот на ФИТР Деспотовски и директорот на Пакомак Филип Ивановски: