24 ноември, 2017 година
Вчера во Струмица се одржа првата заедничка седница помеѓу Владите на Република Македонија и Република Бугарија. Се одржаа повеќе билатерални средби, а се потпишаа и десет документи за интензивирање на соработката помеѓу двете земји.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и заменик министерот за економија Кире Наумов остварија заедничка средба со Теменужка Петкова, министер за енергетика, Николина Ангелкова, министер за туризам и Емил Караниколов, министер за економија во Владата на Република Бугарија.
На средбата се дискутираа повеќе теми и беа изнесени голем број на предлози од двете страни за зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, како и заложби за забрзување на нивната реализација, особено имајќи го предвид периодот на претседавањето на Република Бугарија со ЕУ.
Вицепремиерот Анѓушев ја информираше министерката за енергетика на Бугарија Петкова за подготовката на новиот Закон за енергетика со кој е предвидено исполнување на обврската за усогласување со трeтиот пакет директиви, која произлегува од Договорот за основање на Енергетска заедница. Во делот на организираниот пазар на електрична енергија, Анѓушев и Петкова се согласија дека регионалниот пазар е единственото логично решение.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев ги потврди и силните заложби на македонската Влада за брза реализација на железничката линија кон Бугарија од македонска страна, но и потребата од забрзување на реконструкција и изградбата на патниот правец Куманово – Крива Паланка, што покажува дека инфраструктурата е горливо прашање, но и приоритет на владините политики.
Во делот на туризмот, заменик министерот Наумов изрази задоволство од зголемувањето на бројот на бугарски туристи во Македонија, од кои само во периодот од јануари до август 2017 година е забележан пораст од 20% во однос на истиот период минатата година, што говори за потенцијал на кој треба и понатаму да се обрнува посебно внимание.
Министерката Ангелкова истакна дека зголемување има и на македонски туристи во Бугарија, особено во зимскиот период, а за привлекување на туристи од далечните пазари предложено е во наредниот период да се организираат средби на двете страни со претставници на локалната самоуправа од туристичките места, туроператорите и хотелиерите, со цел создавање на регионална туристичка рута, која би можела да опфати и други земји од регионот кај кои има интерес, со што на туристите од трети земји на мало растојание ќе им бидат понудени различни атрактивни содржини.
По завршување на билатералните средби помеѓу министрите и заедничката седница помеѓу Владите на Република Македонија и Република Бугарија беа потпишани и повеќе билатерални документи со кои ќе се унапреди економската соработка помеѓу двете земји.
Заменик министерот за економија Кире Наумов и министерката за туризам на Бугарија Николина Ангелкова го потпишаа Протоколот за намери за соработка во областа на туризмот меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија.
Овој протокол дава основа за сите изнесени предлози од двете страни во текот на билатералната средба, а неговата главна цел е да поттикне јакнење на соработката во областа на туризмот, како сектор со висок потенцијал, за придонес кон севкупниот економски развој во двете земји.
Заменик министерот за економија Наумов објасни дека со протоколот се изразени намерите за олеснување на протокот на туристи, промовирање на соработката меѓу туристичките субјекти и организации, создавање и развој на заеднички туристички производи за натпревар на трети туристички пазари и заедничко рекламирање надвор, како и размена на статистички информации, искуства, законодавство од областа на туризмот, истражувања за негов развој со цел зголемување на билатералната соработка и во оваа област.
МЕПСО и ЕСО, електро-преносните систем оператори на Република Македонија и на Република Бугарија склучија договор со кој ќе ја олеснат трговијата со електрична енергија така што ќе ги намалат трошоците за организација и за учество на аукциите и ќе ја зголемат ефикасноста и транспарентноста во процесот на доделување на капацитети за прекуграничен пренос на електрична енергија меѓу двете земји.
По тој повод, Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО и Иван Јотов, генералниот директор на ЕСО, ги потпишаа „Правилата за алокација на прекугранични преносни капацитети на граница Македонија – Бугарија (МЕПСО-ЕСО) за 2018 година“. МЕПСО, преку најсовремен софтвер, ќе ги организира аукции за капацитети на годишно и месечно ниво, додека ЕСО ќе биде одговорен за спроведување на дневните аукции. “
Спогодбата меѓу Булгартрансгаз ЕАД и Македонски енергетски ресурси АД (МЕР) за прет-проектна студија во врска со изградбата на нова гасоводна меѓу системска врска меѓу Република Македонија и Република Бугарија, која ја потпишаа директорот на АД МЕР, Благојче Котески и директорот на Булгартранзгас, Георге Гешов, претставува договор за изработка на физибилити студија за нова интерконекција од Бугарија кон Македонија, во која Петрич-Струмица ќе биде земена како задолжителна траса, со што се обезбедуваат нови точки на приклучок на гас во Македонија, придонесувајќи кон енергетската стабилност во државата.
Дарио Николовски, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, потпишаа меморандум за соработка со извршниот директор на бугарската агенција за инвестиции, Стамен Јанев.
„Меморандумот за разбирање помеѓу нашите две Агенции подразбира размена на искуства, доверба, почит и координација во насока на стимулација на бизнисите помеѓу двете земји. Очекуваме овој меморандум да биде значителен механизам и да овозможи база за развивање на блиски трговски односи“, рече директорот Николовски.
Меморандум за соработка на полето на основната геодетска работа, картографијата, гео-информатички катастар за недвижности и податоци за урбанистичка инфраструктура беше потпишан помеѓу в.д. директорот на македонскиот катастар Борис Тунџев и директорот на катастарот на Бугарија Михаил Киров.
Економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија има голем потенцијал за зголемување на соработката, а радува тоа што во првите девет месеци трговската размена помеѓу двете земји покажува раст од 9%.