29 јуни 2020
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денес, на годишнината од одржувањето на првата „Парада на гордоста“ во Скопје, одржаа работен состанок со преставници на „Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфорбија“.
„Последнте три години, оваа Влада докажа дека создава едно општество за сите и дека ова не се само зборови на хартија туку е сериозна заложба. Како Влада докажавме дека еднаквоста ни е важна и дека никој не смее да биде заборавен или запоставен. Сите наши граѓани имаат еднакви права, еднакви можности за образование, здравствена заштита, право на достоинствена работа, слобода и демократија“, рече Царовска на работниот состанок.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Шкријељ, истакна дека јуни е месецот на гордоста и е периодот кога гласно се потсетуваме на правото на почит и достоинство.
„Демократско општество не смее да си дозволи ускратување на ниту едно човеково право. Како држава која што се стреми кон европските вредности правиме се да ја сочуваме почита на правото на избор на другите“, рече Шкријељ.
Пред една година Владата даде отворена поддршка „Парадата на гордоста“ да се одржи во Скопје, а ја организираше и Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ во Скопје. Како дел од конференцијата се одржа и министерски состанок на кој освен министрите за труд и социјална политика и за здравство од земјава присуствуваа и министри од ресорни министерства од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На состанокот беа разменети искуства за активностите со кои треба да се обезбеди поправедно и послободно општество за ЛГБТИ заедницата. Исто така беше договорено да продолжи работата на регионалната интервладина група за ЛГБТИ и Северна Македонија да биде прва земја претседавач.