30 јуни 2020
Владата на Република Северна Македонија на денешната 73-та седница донесе измени и дополнувања на Протоколот за редовна работа на уплатно-исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница (трета фаза), измени и дополнувања на Протоколот за работа на угостителските објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување).
На оваа своја седница Владата ги донесе и Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Република Северна Македонија.
На денешната седница Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.
На денешната седница на Владата е разгледана информацијата по однос на записникот од Шестата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 26 јуни 2020 година, и ја донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.
Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
Со оваа одлука Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.
На предлог на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Предлог - национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца), и даде согласност на Националниот план.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за јуни 2020 година, и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 3 јули 2020 година, на кои им е препорачано да обезбедат достапност на средствата од јунските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 4 јули 2020 година.
На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и го усвои Акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи“ за сезоната 2020/2021, според кој бројот на лица што ќе бидат опфатени со оваа бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000, се зголемува на 60 илјади граѓани од следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.