Вицепремиерката Царовска, заменикот министер Лазовски и координаторот Алаѓозоски во увид на реновирање во Драмскиот театар – Се инвестира во културата и културните работници: Платите покачени за 13,9%, изедначување на хонорарите за иста извршена работа

1 јули 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменикот министер за култура, Владимир Лазовски и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозоски, придружувани од директорката на театарот, Катерина Коцевска, денес извршија увид во тековните активности за реновирање во Драмскиот театар во Скопје.

Вицепремиерката Царовска рече дека за првпат по многу години одредени делови на Драмскиот театар се реновираат и освежувааат, се создаваат нови содржини кои ќе им бидат достапни на граѓаните и се отклонуваат одредени небезбедни предмети, кои со години непотребно стоеле во театарот.
„Она што е важно за културата и што мора да се истакне, а кое го осознавме преку дискусија со актерите и со вработените, во овие изминати две и пол години се смени начинот на кој културата се обраќа кон граѓаните. Конечно, во сите содржини на театарот, во целиот репертоар се воведени современи, европски вредности, значајни за сите граѓани, а особено за луѓето кои партиципираат во културниот живот“, посочи вицепремиерката по обиколката на Драмскиот театар и средбата со директорката Катерина Коцевска и дел од вработените.

Царовска се осврна и на условите за актерите и вработените во културата и посочи дека за првпат по 2005 година, во културата се донесе нов колективен договор, со што се овозможија значително подобри услови за работа на културните работници.
„За да можеме да имаме добри услови за културните работници, за да може тие креативно да се изразуваат, мора и да вложиме финансиски средства за плати, достоинствени за нивната професија. Токму затоа, минатата година се направи покачување, нивелирање на платите во културата, со што 90% од вработените добија покачување на платите, кое просечно изнесува 13,9%. Уште поважно од покачувањето на платите е тоа што за првпат се воведе исплата на еднаква сума за еднакво извршена работа со еднаква сложеност, тоа е големо достигнување. Сметам дека во наредниот период треба да вложуваме во културата уште повеќе. Сите овие културни објекти имаат своја душа, имаат потреба за грижа и нови инвестиции, за да може да реализираат квалитетна програма, претстави и за децата и за возасните, преку кои ќе се промовираат новите, европските вредности, современоста, а не да се обидуваме да ги вратиме неколку века назад“, рече вицепремиерката Царовска.

Директорката на Драмски театар, Катерина Коцевска, посочи дека по долго време се прават инфраструктурни зафати на театарот. 
„На пример 13 години имавме скршени стакла на прозорците, за коишто не опоменуваа дека имавме натпис кадешто пишуваше дека е забрането да се поминува покрај нив, заради стаклата. Побаравме средства од Министерството за култура и за наша голема радост истите се одобрени, за витални работи кои ни се потребни. Тоа се замена на скршените стакла, смена на стаклата во канцелариите, влезот во театарот, како и најважното за нас, а тоа е сцената, која е непроменета преку 60 години, односно од денот кога е направен театарот. Со сопствени сили, волја и љубов направивме и некои визуелни промени, уредување со цветни аранжмани, уредување на заедничка просторија за дружба, сопствена библиотека, го искористивме овој период кога не можеме да имаме претстави и проби, за да го рехабилитираме просторот“, нагласи директорката на Драмскиот театар Коцевска.
 

 

Линк до инсерти од посетата и изјави на вицепремерката Царовска и директорката на Драмски театар Катерина Коцевска:

English
АКТУЕЛНОСТИ: