7 јули 2020
Владата на Република Северна Македонија на денешната 74-та седница, донесе заклучок со кој 15 јули се определува за неработен ден заради непречено спроведување на изборниот процес за предвремените парламентарни избори и истиот нема да се одработува.
На оваа своја седница, Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности - родителите на деца до 10-годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена.
Дополнително, институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период.
На денешната седница Владата го утврди Протоколот за работа на Дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на епидемија на заразната болест КОВИД-19.
Министерството за труд и социјална политика, како надлежно во делот на дневно згрижување на деца и лица со попреченост, го подготви протоколот кој се заснова на одлуките, препораките, одредбите, протоколите и останатите пишани документи издадени од Владата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по укинување на вонредната состојба и со започнувањето со работа на дневните центри.
На оваа седница се усвоени и измени и дополнувања на Протоколот за начинот и условите за организација на настани исклучиво на отворен простор.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информација и го утврди текстот на Меморандумот за разбирање и Техничките договори за сервисна поддршка меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за одбрана и НАТО Организацијата за комуникации и информации претставувана од НАТО Агенцијата за комуникации и информации во врска со консултација, команда, контрола, комуникации, разузнавање, набљудување, и го овласти државниот секретар на Министерството за одбрана да ги потпише меморандумот за разбирање, техничките договори за сервисна поддршка, и пакети за сервисна поддршка во овие области.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за поттикнување на безготовинските плаќања кај единиците на локалната самоуправа, и донесе заклучок на сите единици на локалната самоуправа кои досега немаат воведено ПОС терминали за наплата на општинските услуги, да ја воведат оваа опција за плаќање на нивните услуги најдоцна во рок од 1 година од денот на усвојување на оваа информација.
Со заклучоците на Владата уште им се препорачува на општините кои користат ПОС терминали за наплата на нивните услуги, да го прошират видот на услугите кои може да се платат безготовински.
Овие предлог мерки на Министерството за финансии, во соработка со Народната банка за стимулирање на безготовинските и дигиталните плаќања имаат за цел да го трасираат патот кон безготовинско и современо општество, со што се придонесува кон одржување на стабилна економија, финансиска стабилност и здрав, продуктивен, банкарски систем. Намалувањето на употребата на готовина се очекува да влијае и кон намалување на неформалната економија и со тоа поврзаната даночна евазија, бидејќи високата распространетост на готови пари во оптек, многу често е индикатор за присуство на нерегистрирани економски трансакции и може да делува поттикнувачки за неформалната или сива економија, што претставува загуба за економијата во целост.