8 јули 2020
Зелениот климатски фонд (ЗКФ), главниот глобален фонд за финансирање на активности за борба против климатските промени, го одобри својот втор проект за Северна Македонија во рамките на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка за да и помогне на земјата да стане поподготвена за влијанијата на климатските промени. Ова е продолжение на првиот проект поддржан од ЗКФ, успешно завршен во 2019 година.
Проектот, кој ќе трае 18 месеци, започна денес со виртуелна работилница на која учествуваа околу 130 претставници на клучни владини институции, министерства, приватниот сектор, граѓанското општество, академијата и развојните партнери.
Целта на проектот е да се поддржи Кабинетот на Заменик претседателката на Владата задолжена за економски прашања, како Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд и други релевантни чинители, да се прошири нивното знаење и да се зајакне сопственоста за подобар пристап до ресурсите на Зелениот климатски фонд, како и да се помогне во идентификување на натамошни можности за климатско финансирање во деветте приоритетни сектори во земјата (енергетика, транспорт, земјоделство, биодиверзитет, здравство, водни ресурси, шумарство, отпад и културно наследство).
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (Food and Agriculture Organization - ФАО), заедно со Владата на Република Северна Македонија, ќе работат на развој на Работна програма на земјата за Зелениот климатски фонд, која ќе ги адресира клучните приоритети поврзани со климатските промени во овие сектори и ќе опфати потенцијални инвестиции што може да се преточат во издржани проекти што може да се финансираат од Фондот, кои доаѓаат од национални институции, општини, јавни и приватни компании, граѓанските организации и други правни лица.
Во своето официјално обраќање, на отворањето на виртуелната работилница, Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, истакна дека Соработката со Зелениот климатски фонд и дава можност на Република Северна Македонија да ги имплементира сите стратешки поставени цели за намалување на влијанијата од климатските промени, во повеќе сектори, како: енергетиката, земјоделието, водите, транспортот, но и образованието, здравството, управувањето со ризици, а притоа секогаш да го земе предвид и социјалниот аспект.
"Kрајната цел на овие напори е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени и зголемување на инвестициите за справување со климатските промени. Со тоа, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот на секој наш граѓанин, ќе постигнеме поголема конкурентност на нашата економија, како и одржливо инклузивно општество за сите генерации, што е врвна цел на Парискиот договор” нагласи вицепремиерката Царовска.
„Северна Македонија мора целосно да ги искористи сите можности за обезбедување на ниско јаглероден и одржлив економски раст и да ја заштити и зачува својата убава животна средина за сегашните и идните генерации“, рече Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија во обраќањето до учесниците. „Затоа овој инструмент има огромна вредност за трансформациските промени што сакаме да ги видиме и поддржуваме“, истакна таа.
Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, и честиташе на Владата за постигнатиот напредок во 2019 година и неодамнешното одобрување на вториот грант за подготвеност на Зелениот климатски фонд, како чекор напред кон стратешкиот ангажман со Фондот.
„Како акредитиран субјект на Зелениот климатски фонд со широко знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ќе продолжи да ги поддржува напорите на Северна Македонија за пристап до ресурсите на Фондот за да се подигне амбицијата на сите актери во општеството за климатска акцијапреку инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој“, потенцираше Ганги.
Со помош на овој проект, Северна Македонија ќе финализира систем за следење и мониторинг на климатското финансирање во земјата обезбедено од јавни, приватни или меѓународни извори. Системот ќе ја информира Владата за можностите за ко-финансирање за потенцијалните предлог-проекти за Зелениот климатски фонд, и конечно ќе ги забрза напорите на Северна Македонија за реализација на целите поврзани со климатските промени.
Овој проект за подготвеност ќе стави посебен акцент на ослободување на потенцијалот на приватниот сектор за инвестирање поврзано со климатските промени. ФАО ќе работи со Владата да се мапираат актерите во приватниот сектор, вклучително малите и средни претпријатија, и ќе им помогне целосно да ги искористат можностите за трансформациски инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, што исто така можат да придонесатво нивнатаефикасност и профитабилност.
Отпочнувањето на проектот беше организирано под Регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси, во координација со Кабинетот на Заменик претседателката на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања.
Линк до видео со целото обраќање на вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска: