Вицепремиерката Царовска и директорот Младеновски во посета на компанијата Витек – Со мерката „младински додаток“ ги стимулираме младите луѓе да се вклучат во производствените компании

31 јули 2020


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Александар Младеновски, денес ја посетија компанијата Витек во ТИРЗ Скопје 1, чија основна дејност е  производство на хидраулични спојки за висок притисок и гумени црева за градежна механизација и други индустрии.

Вицепремиерката Царовска, по обиколката на производствениот капацитет на Витек, го истакна задоволството што оваа компанија цели кон тоа да вработува млади луѓе, при што користат поддршка од државата преку мерката „младински додаток“. Преку мерката за младински додаток, во моментов  во државата се поддржуваат над 3.000 млади лица под 23 години, вработени во производството или во земјоделието, со што директно на сметките на вработените се уплаќат по 3.000 денари месечно.
„Ја посетивме Витек, да разговараме со нивната менаџмент структура, да го посетиме работниот процес, се со цел да поразговараме на кој начин обезбедуваат млад тим. Тие навистина се специфични, по тоа што голем број на млади луѓе се дел од нивниот тим и се мотивирани работници. Дополнително разговаравме на кој начин влијае мерката младински додаток кај нивните вработени. Тие сметаат дека навистина има поголем поттик да младите луѓе доаѓаат во нивната компанија и воопшто да се вклучат во работниот процес во производство, заради тоа што со мерката „младински додаток“, секое младо лице до 23 години коешто работи во производство добива дополнителни 3.000 денари на својата сметка од АВРСМ. На овој начин сакаме директно да влијаеме младите луѓе да станат позаинтересирани и да оваа работа во производство ја разговараат со своите пријатели и на тој начин да се вклучат што повеќе од нив, затоа што младите луѓе навистина може да го поттикнат производството. Дополнително разговараме дека тие секое лето организираат пракса и дека половина од оние млади ученици коишто доаѓаат во нивната компанија остануваат после праксата, тоа укажува дека навистина тој систем на дуално образование или на вклучување на учениците уште од средно техничко училиште во компаниите, ќе даде резултат да што поголем број на млади луѓе понатаму и работат во производството, но исто и да се заинтересираат за техничките универзитети и да понатаму имаме што поголем број на луѓе кои се подготвени да работат и да дадат свој максимум во производството“, изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Александар Младеновски објасни дека фабриката на Витек, компанија која со успех работи од 2011-та година, е една од најголемите по површина во ТИРЗ Скопје 1, а притоа најави дека оваа италијанска компанија планира да го прошири своето производство со реализација на нова четврта фаза.

„Ме радува фактот дека веќе се планира нивната 4-та фаза којашто ќе биде во екстензија на долната страна. Таа фабрика ќе биде долга отприлика 150 метри, оваа фабрика што ја гледате тука е околу 300 метри долга. Исто така се очекуваат околу 100 нови вработувања. Исто така ме радува е што во последниот период извозот во зоните порасна значително, во однос на првите месеци кога започна кризата предизвикана од пандемијата со короавирусот. Иако има пад во споредба со минатата година, сепак има значителен пораст, а вкупниот извоз од зоните изнесува заклучно со минатиот месец 820 милиони евра. Исто така би сакал да напоменам дека освен оваа екстензија веќе се при крај и работите во Скопје ТИРЗ 2 кадешто инвестираме во додатната инфраструктура, како и во инфраструктура во другите зони, којашто треба за фабриките низ цела Македонија, скоро секаде се завршуваат градежните работи, се завршува клучката во Струга, се завршува клучката во Прилеп, исто така и внатрешната инфраструктура во Прилеп, почнуваме со доизградба на внатрешната инфраструктура во Штип, Кичево, Струмица. Со тоа зоните полека се комплетираат“, нагласи директорот Младеновски.
 

 

Линк до видео со инсерти од работната посета на компанијата Витек:

Линк до видео со изјави на вицепремиерката Царовска и на директорот Младеновски:

English
АКТУЕЛНОСТИ: