11 август 2020
На денешната 80-та седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта.
На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата ги прифати измените во протоколите за вршење меѓуградски и меѓународен превоз на патници, со што наместо исполнетост до 50%, отсега во меѓуградскиот и меѓународниот патнички превоз е дозволено исполнетост најмногу до 75% од вкупниот капацитет на возилата.
На предлог на Министерството за надворешни работи денеска е разгледана и усвоена информацијата за промена на статусот на Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО во Постојана Делегација на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел.
На оваа седница на министрите им беше презентирана Информацијата на Работната група за справување со последиците од т.н. „Проект Скопје 2014“, која ја претстави координаторот на Работната група и советник за урбанизам и градежништво на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, проф. д-р Мирослав Грчев.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и прифати Информацијата, и врз основа на неа донесе Одлука за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради изведување на вежбовна активност. Одлуката се однесува на одобрување на влез и престој на 170 припадници на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави и 10 припадници на Вооружените сили на Република Полска од составот на КФОР, со возила, вооружување, материјално-технички средства и опрема, заради изведување на вежбовна активност-реализација на гаѓања и заедничка обука со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кое ќе се изврши на Армискиот полигон Криволак, во периодот од 19 август 2020 година до 25 септември 2020 година.
На предлог на Министерството за одбрана, Владата денеска донесе и Одлука за испраќање на 15 припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „COMBINED RESOLVE XIV ” во Сојузна Република Германија, во периодот од 01-29 септември 2020 година, како и Одлука за испраќање на 15 припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „CARPATHIAN EAGLE“ во Република Романија, во периодот од 14-27 септември 2020 година.
На оваа седница Владата ја разгледа и прифати Информацијата за начинот на користење на здравствени услуги и за надоместок на трошоците за користење на здравствени услуги во Воено медицинскиот центар и во здравствените установи во Република Северна Македонија, на припадниците на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ (SOUTH EAST EUROPE BRIGADE - SEEBRIG) и донесе Одлука за начинот на користење на здравствени услуги и за надоместок на трошоците за користење на здравствени услуги во Воено медицинскиот центар и во здравствените установи во Република Северна Македонија, на припадниците на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа- СЕЕБРИГ (SOUTH EAST EUROPE BRIGADE - SEEBRIG).