31 август 2020
Денес во Владата на Република Северна Македонија беше извршено примо-предавањето на должноста заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори помеѓу досегашната вицепремиерка Мила Царовска и ново назначениот вицепремиер Фатмир Битиќи.
Царовска и Битиќи на официјалното примо-предавање на надлежноста разговараа за досега сработеното и за идните предизвици поврзани со економскиот раст и развој на Република Северна Македонија. Во срдечна атмосфера обајцата си посакаа многу успех во претстојниот мандат, ефикасно справување со предизвиците и квалитетна соработка, имајќи ја повисоката цел в предвид, а тоа е држава со која сите ќе се гордееме.
Царовска, која од денес ја презима функцијата министерка за образование и наука, му посака успех на Битиќи на новата должност и посочи дека очекува добра соработка во рамките на новата Влада и дека ќе се продолжи со создавање и имплементација на успешни политики и преку реформски процеси да се движи земјата напред.
На позицијата вицепремиер за економски прашања Битиќи доаѓа откако во минатиот мандат ја извршуваше должноста посебен советник на Премиерот Зоран Заев, а најави продолжување на заложбите на Владата во нова развојна економија која пред се ќе носи стабилност и предвидливост, иновативност и шанса за секој граѓанин.