Интервју со вицепремиерот Фатмир Битиќи: Новиот пакет мерки ќе ги опфати компаниите и граѓаните кои се најпогодени

6 септември 2020

 

Со следниот пакет економски мерки ќе продолжиме со креирање на развојна македонска економија и јас сум уверен дека во тоа ќе успееме. Мерките ќе бидат дефиниран низ инклузивен процес на консултации со бизнис заедницата и ќе одговорат на потребите на стопанството и на граѓаните.

Стопанството и граѓаните со нетрпение го очекувааат новиот сет мерки што го најави Владата и кој, како што вели во интервјуто за „Независен“, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, наскоро ќе биде презентиран. Вицепремиерот Битиќи, исто така, потенцира дека приоритетите како и до сега, со спроведувањето на антикризните мерки остануваат исти – а тоа е зачувување на секое работно место и поддршка за стопанството и граѓаните за полесно пребродување на кризата и влез во пост кризниот период во кој ќе следи раст и развој. Во интевјуто за „Независен“ тој се осврнува и на други актуелни теми – зошто нема министер за привлекување странски директни инвестиции и каква ќе биде политиката на Владата кон оваа проблематика, потоа за вистинскиот број лица кои поради кризата останале без работа, како и колку средства ќе бидат потребни за спроведување на мерките и дали ќе биде неопходно ново задолжување.

Господине Битиќи, новата Влада имаше серија средби со бизнисот односно со стопанските комори. Дали по овие средби во Владата имате појасна претстава што му е потребно на стопанството за да ја преброди кризата предизвикана од Ковид-19, кои ќе бидат приоритетите?

Директната комуникација и координација со сите засегнати страни е една од основните постулати на оваа Влада и тие се континуирани во изминативе три години, а особено интензивирани при прогласувањето на пандемијата. Тие течат до денеска, а ќе продолжат и понатаму со цел да имаме детална слика за состојбите во домашното стопанство, што ќе биде појдовна точка во креирањето на анти-кризните мерки, но и на идните економски политики. Веќе во првата недела од конституирањето на Владата имавме состаноци со сите релевантни чинители во стопанството, Стопанските комори а се одржа и седница на Економско–социјалниот совет во кој членуваат и синдикатите и организацијата на работодавачи. Приоритетите како и до сега, со спроведувањето на антикризните мерки, остануваат исти, а тоа е зачувување на секое работно место и поддршка за стопанството и граѓаните за полесно пребродување на кризата и влез во пост кризниот период во кој ќе следи раст и развој на економијата во земјава и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Владата ветува стабилна и предвидлива економска политика, ниски даноци, борба против сивата економија, што се и барањата на стопанството. Но, од фирмите укажуваат дека им е неопходна и итна финансиска поддршка заради нарушената ликвидност. Што ќе преземе Владата за ова, дали веќе има креирано некои мерки наменети за компаниите?

Пред сѐ, приоритетот мора да биде прилагоден на актуелната состојба со корона кризата, бидејќи таа генерира непредвидливост на глобално ниво. Тоа значи дека целиот наш фокус е обезбедување на потребите на граѓаните и стопанството за пребродување на кризата.

Стабилната и предвидлива даночна политика со ниски даноци, како и принципиелната борба со сивата економија остануваат и врвни приоритети на оваа Влада. Четвртиот пакет мерки за поддршка на домашната економија, како и на оние кои се најпогодени во текот на овој кризен период ќе се дефинира за релативно краток период, но откако уште еднаш ќе се изанализираат ефектите од претходните три пакети. Новиот пакет ќе содржи мерки кои ќе ги опфати компаниите и граѓаните кои се најпогодени.

Кога може да се очекува Владата да излезе со конкретни мерки за поддршка на стопанството, дали тоа ќе бидат општи или пак таргетирани кон најпогодените гранки?

Владата веќе донесе три пакети анти-кризни економски мерки за помош на граѓаните и стопанството, првите два пакета имаа за цел да го апсорбираат првиот удар на социо–економска криза предизвикана од Ковид–19, да ги заштитат работните места на граѓаните и да гарантираат ликвидност на бизнисот. Во третиот пакет мерки се фокусиравме кон развој, односно, во координација со сите засегнати страни во стопанството креиравме пакет мерки со кои се осигуравме дека ќе најдеме начин овој кризен период да го претвориме во простор за трансформација и прилагодување на стопанството на актуелната состојба. Со следниот пакет економски мерки ќе продолжиме со креирање на развојна македонска економија и јас сум уверен дека во тоа ќе успееме. На почетокот на кризата ниту ние ниту било која друга економија во светот можеше да предвиди што точно ќе се случува, но она што е важно е дека ние реагиравме навремено, сеопфатно и соодветно. Сега имаме малку поинаква ситуација, имаме параметри според кои можеме да се водиме, да споредиме и да се подобриме онаму каде што е потребно, тоа ни дава поткрепа во креирањето на новиот пакет мерки, кои повторно ги изготвуваме во отворен дијалог и консултација со сите засегнати страни, како стопанските комори, синдикатите, работодавачите и граѓаните.

Четвртиот пакет мерки ќе биде дефиниран низ инклузивен процес на консултации со бизнис заедницата, и мерките секако дека ќе одговорат на потребите на стопанството и граѓаните. На новиот пакет економски мерки работиме активно и посветено и него ќе го промовираме набрзо, помош ќе стигне секаде каде што е потребна и во времето во кое е потребна.

На средбите со стопанските комори стана збор дека владата располага со „резервоар“ од 200 милиони евра. Дали е тоа износот кој ќе биде рамка за четвртиот сет на економски мерки или пак ќе биде потребно ново задолжување за да се одржи економијата во кондиција?

Владата цврсто стои на својот збор даден пред коморите, како и за сѐ друго што има ветено пред граѓаните. Во овој случај „резервоарот“ од околу 200 милиони евра е почетната проценка за тоа колкав износ ќе биде потребен за дефинирање на мерките од четвртиот пакет. Но, морам да потенцирам дека сѐ уште сме на половина пат од дефинирање на износот за целиот пакет, земајќи предвид дека сме во процес на дефинирање на приоритетите и најпогодените гранки кои треба да бидат опфатени со овој четврт пакет мерки. Секое потенцијално задолжување би се случувало само во неопходност, иако засега немаме такви индикатори, односно голема е веројантноста дека ќе успееме да ги спроведеме мерките со сегашните перформанси на приходната страна на буџетот.

Премиерот Заев рече дека Владата ќе се бори за секое работно место. Но, има многу различни бројки за бројот на оние кои останале без работа во текот на кризата. Дали располагате со конкретна анализа колку луѓе се погодени и што може да се преземе тој број да биде што помал?

Пред почетокот на кризата на крајот на првиот квартал од 2020 имавме историски најниска стапка на невработеност досега од 16,2 проценти, а според последните податоци од крајот на вториот квартал од 2020 година таа е искачена на 16,7 проценти. Зголемувањето на невработеноста за 0,5 процентни поени е еден од подобрите резултати споредено со земјите од ЕУ кои ги имаат објавено овие статистички бројки. Овој резултат ни дава потврда дека сме успеале да зачуваме максимум работни места во ваков кризен период. За жал, во кризата, некои од нашите граѓани ги изгубија своите работни места, но борбата за зачувување на секое работно место беше и останува приоритет. Новата развојна економија ќе носи раст и развој на стопанството а со тоа и отворање на нови работни места што секако ќе носи до намалување на стапката на невработеност кон едноцифрена бројка и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

Чувствувам потреба да укажам дека во изминатиот период, од почетокот на кризата, опозицијата шпекулираше со бројот на изгубени работни места. Ова не помага никому, напротив, само создава лажна слика и внесува паника кај граѓаните што е неодговорно. Наместо да ги калкулира само одјавените работници од евиденција на АВРМ, опозицијата треба да знае дека во истиот период има и пријавување на граѓани во работен однос, па оттаму севкупниот одлив е разликата меѓу одјавени и пријавени.

Секако, работните места не се статистички бројки туку човечки животи и судбини, за кои во претстојниот период целосно ќе се вложиме во борбата за враќање на тие граѓани на пазарот на трудот.

Опозицијата критикува за неназначување на министер за странски инвестиции. Со оглед што како потпретседател на Владата за економски прашања ги координирате сите економски ресори, каква ќе биде политиката на Владата за привлекување странски директни инвестици и дали земјата навистина го губи чекорот во однос на земјите од соседството?

Со формирањето на новата Влада се направи реорганизација на системот која треба да осигура дека ќе можеме да делуваме ефективно и ефикасно. Новина е пристапот кон координирање на потенцијалните странски инвеститори, истиот ќе се координира на највисоко ниво од самиот кабинет на претседателот на Владата, Зоран Заев, каде ќе се формира Директорат, како и од кабинетот на заменик-претседателот на владата задолжен за економски прашања. За нас странските инвестиции се еден од столбовите на новата македонска развојна економија. Секако, не забораваме и на нашите, домашни инвеститори кои ќе ги имаат сите поволности кои ги имаат и странските инвеститори. Ова било и ќе остане нашиот пристап во владеењето, сите кои можат да придонесат за поголем економски развој се важни и добиваат еднакви можности.

Истовремено максимално посветено на терен се работи на актуелните проблеми кои ги имаат оние инвеститори кои веќе работат во земјава, во насока на подобрување на инфраструктурата во зоните, но и подобрување на сите останати капацитети кои се поврзани со привлекување на СДИ. Тука големо влијание има и поставеноста на домашната регулатива, и предвидливиот даночен систем, кои се сегменти на кои уште поактивно ќе се работи со цел подобрување на инвестициската клима во државата.

 

Линк до интевју на вицепремиерот Фатмир Битиќи

English
АКТУЕЛНОСТИ: