10 септември 2020
Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е. Анке Холштајн, со која разговараа за економската соработка помеѓу двете земји, справувањето со социо-економската криза предизвикана од коронавирусот, политиките на Владата за новата развојна економија, како и за реформи преку системски решенија со кои би се сузбивала корупцијата и би се намалувала сивата економија во земјата.
Амбасадорката Холштајн упати честитки за изборот на новата Влада, како и за назначувањето на вицепремиерот Битиќи на новата политичка функција, пришто изрази очекување за продолжување на одличната соработка помеѓу двете земји.
Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство од економската соработка помеѓу двете земји, многу германски инвеститори работат со голем успех во нашата земја и како резултат на тоа, Германија е прв трговски партнер на Северна Македонија. Потенцијал за унапредување на економската соработка има, рече Битиќи, при што додаде дека со специјалниот советник кој го номинираше германската Влада да помогне со реформите во економијата, Валтер Дефа, има интензивна комуникација во крерирање на системски решенија со кои соработката помеѓу двете земји може дополнително да се развива.
Вицепремиерот се заблагодари за континуираната поддршка од страна на СР Германија за напорите кои ги прави нашата земја во остварувањето на европските аспирации и започнувањето на преговори за членство во ЕУ, притоа изрази надеж дека првата меѓувладина конференција би можела да се одржи наскоро, за време на претседавањето на СР Германија со Европскиот Совет. Битиќи рече дека во периодот кој следи ќе се случат многу реформи кои ќе донесат позитивни резултати во сите области и дека тоа ќе биде клучен доказ дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија.
На средбата стана збор и за креирање на Платформа за развој на Северна Македонија, при што вицепремиерот Битиќи истакна дека во креирањето на новите развојни економски политиките ќе учествуваат сите чинители во општеството, вклучително и странските партнери, се со цел да се креираат најдобри можни политики, кои ќе обезбедат одржлив економски развој, во интерес на граѓаните.
Силен економски раст и развој не се можни без одлучна борба против корупцијата и сивата економија, рече Битиќи, при што посочи дека заедно со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата ќе креират системско решение за ова прашање, кое е многу важно за сите граѓани, но и инвеститорите, независно дали се домашни или странски.
Владата ќе остане отворена за секаков вид на соработка со Сојузна Република Германија, рече вицепремиерот Битиќи, а заедно со амбасадорката Холштајн се согласија дека ќе работат на дополнително унапредување на економските односи помеѓу двете земји.