06 декември, 2017 година
Владина делегација во состав Кочо Анѓушев, заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања и Драган Тевдовски, министер за финансии, попладнето во Софија се сретнаа со Кристалина Георгиева, главна извршна директорка на Светска Банка, придружувана од Сирил Милер, потпретседател на Светска Банка за регионот на Европа и Централна Азија и Линда Ван Гелдер, регионална директорка за Западен Балкан.
На средбата се разговараше за продлабочувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан како и поддршката што ја дава Светска Банка.
Делегацијата од Владата на Република Македонија го изрази цврстиот став на Владата за интензивирање на инфраструктурните проекти, како и за подобрување на поврзувањето во делот на трговијата, транспортот и информатичката технологија.
На средбата е изразена заедничка согласност на двете страни дека унапредувањето на соработката во последните месеци ќе продолжи и во иднина.
Средбата на делегацијата на Владата на Република Македонија со претставниците на Светска Банка на највисоко ниво се одржа во пресрет на утрешната Меѓународна конференција во Софија „Посилна регионална интеграција на Балканот“, на којашто е домаќин Светска Банка и на којашто ќе присуствуваат премиерите на Западен Балкан, за што вечерва од Брисел во Софија доаѓа и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.