Битиќи: Преку инклузивен процес работиме на политики кои ќе носат развојна и одржлива економија и создавање на нови работни места за граѓаните

11 септември 2020


Почитувани граѓанки и граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Чест и задоволство ми е што денеска пред вас и пред целата јавност имам можност да го презентирам мандатното писмо, за нашите обврски на кои не задолжи претседателот на Владата но за кои најважно, ние сме одговорни пред вас граѓаните. Наша обврска е во следните 4 години да ги оствариме овие заложби за да го направиме вашиот живот подобар – секој во својот ресор.

Би било неодговорно да започнам да ги елаборирам плановите за овие 4 години на економски план, ако првите зборови кои излегуваат од мојата уста не се - борбата со економските последици од коронавирусот.

Борбата со коронавирусот несомнено го смени нашиот начин на живот засекогаш, но воедно и не втурна во менување на начинот на кој работиме и заработуваме, особено ни ги промени навиките и условите за работа во сите сфери на животот а посебно во стопанството.

На почетокот на кризата токму од оваа говорница, иако во инаква улога, ви ветив во име на Владата борба за зачувување на секое работно место.

Денеска, повторно од оваа говорница, сакам да повторам дека таа борба ја продолжувам, свесен дека работните места не се бројки, туку човечки животи и судбини.

Уште во првите денови од мандатот се посветивме на креирање развојна и одржлива економија, која носи предвидливост за стопанството и стабилен раст и развој. На тој начин создаваме можност за креирање нови работни места и нови можности за вас граѓаните.

Она кон што целиме е креирање на нови работни места, но и повеќе од тоа, креирање на отворени можности за реализација на капацитетите на секој поединец. Работните места се важни, но она што е поважно, се луѓето зад нив. Тоа сте вие граѓаните!

Во овој мандат ќе зборуваме за вработени, не за невработени. Наша задача е да креираме работни места и нивен развој.

Оваа криза за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Мотив е овој предизвик, преку креативна адаптација,да го претвориме во можност.

Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински. Приклучете се.

Заедно да креираме Платформа за економски развој на државата, во која ќе бидат вклучени сите чинители во општеството.

  • Синдикатите и работодавачите,
  • Стопанските комори и
  • Експертите кои ја сакаат оваа држава

Да креираме платформа за соработка и координација кон нашите заеднички цели. А тоа е подобар живот за сите граѓани.

Само со креирање на ваков еко систем во кој јавниот сектор, приватниот сектор и граѓаните се во дијалог кој го унапредува нашиот партнерски однос, ќе не носи кон зголемена доверба и креирање на политики кои одговараат на потребите на стопанството и вас граѓаните.

Во овој мандат оваа Влада ќе ја покаже љубовта за државата на дело!

  • Преку намалување на сиромаштијата под 16%,
  • Инвестирање во човечкиот капитал и отворање на нови работни места како и намалување на невработеноста на едноцифрен број,
  • Борба со сивата економија,
  • Економски раст од 4%,
  • Развој на иновативни и нови технологии со цел да станеме регионален старт ап центар,
  • Дигитализација на општеството,
  • Влог во младите.

Еднакви шанси за сите!

Почитувани граѓанки и граѓани,

Мојата задача, а истовремено и животно мото, не е само да се бавам со економијата и бројките. Моја задача е во континуитет да го подигам стандардот за служење на државата и граѓаните. Моја мисија е да сум пример кој ќе служи како показател дека можеме повеќе, подобро, почесно, подостоинствено, потранспарентно, поодговорно за да продолжиме да ја менуваме сликата за нашата служба, како што тоа го правевме изминативе три години.

А тоа ќе го правам преку - Централната единица за следење на економските политики, која треба да служи за информирање на граѓаните за резултатите, ефектите и влијанието на економските мерки и политики.

Затоа што секој еден денар на граѓаните е важен!

Со цел – навремено, целосно и транспарентно реализирање на буџетските расходи ќе се формира Централна единица за поддршка на јавните инвестиции на владино ниво, која ќе обезбеди експертиза за реализација на капиталните инвестиции.

Почитувани,

Она што би сакал гласно да го кажам, е дека овој тим, мојот тим, нашиот тим во претстојните 4 години преку системски мерки ќе ја гради и приоретизира суштината. И повеќе од јасно за нас е дека целта на оваа мала и ефикасна Влада ќе биде посветена транформација на нашето општество на подобро.

Преку мојата координативна улога на економските ресори посветено ќе работам на трансформација на нашето општество во едно општество за сите, во кое борбата со сиромаштијата и кризите ќе е заедничка и на сите јазици, во кое сите ќе гледаме кон зелената дигитална самоодоржлива иднина без да се занимаваме со старите деструктивни однесувања кои не разделуваат.

Ќе исчекориме напред, заедно, кон подобро.

 

Линк до видео од прес-конференцијата на македонски јазик:

Линк до видео од прес-конференцијата на албански јазик: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: