Премиерот Заев на средбата со претседателката на Грција Сакеларопулу: Подготвени сме за натамошното имплементирање на Акциониот план за интензивирање на соработката согласно Договорот од Преспа

16 септември 2020


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, денеска оствари средба со претседателката на Република Грција Катерина Сакеларопулу.

Премиерот Заев се заблагодари за можноста да се сретне со претседателката Сакеларопулу како уште една афирмација и придонес за подобрување на односите и градење доверба меѓу Северна Македонија и Грција како пример за добрососедски односи во регионот.

За време на разговорот, на кој присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, беше оценето дека Договорот од Преспа, освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство, и денеска Грција е силен поддржувач на Република Северна Македонија во нејзиниот процес за интеграција во ЕУ.

Премиерот Заев изрази увереност дека Грција ќе биде еден од главните лобисти за успешен старт на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, со која ќе стартува процесот на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Блиската соработка со Грција беше од клучна важност и за членството на Северна Македонија и како сојузник во Aлијансата, Грција е сега задолжена за чување на небото над нашата земја.

Премиерот Заев и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу разговараа и за потенцијалите за проширување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји која треба да биде поттикната и од вториот состанок на Советот за соработка на ниво на влади во Атина на кој ќе се разговара за натамошното имплементирање на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Северна Македонија, како што е предвидено во Договорот од Преспа.

 

Линк до видео со инсерти од средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев со претседателката на Република Грција Катерина Сакеларопулу:

 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: