Вицепремиерот Битиќи и директорот Деспотовски: Поддржуваме 87 компании да реализираат проекти за побрзо справување со КОВИД-19 со вкупна вредност од околу 3 милиони евра

19 септември 2020


Вкупно 87 компании, кои планираат да реализираат проекти во вредност од околу 3 милиони евра, се избрани во финалната селекција од повикот за ко-финансирани грантови за брзо прилагодување од КОВИД-19, соопштија денес на прес-конференција во Владата, заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски. Овој инструмент е дел од третиот сет на мерки кој Владата го усвои за поддршка на граѓаните и стопанството, а за полесно надминување на социо-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.

Вицепремиерот Битиќи се осврна на досегашната реализација на сите мерки, при што посочи дека при креирањето на претходните три пакети, се водеше по начелото на социјална правда и солидарност, а така ќе се продолжи и со четвртиот сет, со креирање на политики и мерки кои никого не оставаат сам. Во време кое налагаше итна реакција, Владата на Република Северна Македонија, креираше три сета на мерки, за чија реализација се резервирани околу 550 милиони евра или 5,5% од БДП, мерки кои беа навремени и сеопфатни за на стопанството и граѓаните им понудат поддршка во справувањето со кризата.

„Со бескаматната кредитна линија КОВИД-1, преку Развојната банка, во стопанството вбризгавме свежи финансиски средства од 5 милиони евра на 737 компании, кои вработуваат 6.509 лица, од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници. Развојната банка пласираше и кредитна линија КОВИД-2 во износ од 8 милиони евра, која беше наменета за сите дејности. Преку оваа кредитна линија, вкупно се одобрени 639 кредитни апликации на домашни компании кои вработуваат 11.325 лица. Компаниите од овие сектори, но и сите други кои бележеа загуби ја искористија поддршката за исплата на минималната плата од 14.500 денари по вработен, при што просечно во трите најкритични месеци, април/мај/јуни беа поддржани околу 20.000 компании со околу 120 илјади вработени“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека освен мерки во коишто има директна финансиска помош, беа имплементирани и други видови на помош, во форма на намалени каматни стапки за кредити, одложено плаќање на рати за кредити и на даноци од фирмите кон државата. Граѓаните биле и остануваат во фокусот на владината поддршка.

„Како дел од третиот сет на мерки беа и платежните картички за невработени лица, лица со ниски приходи и учениците и студентите, како и ваучерите за туризам, со кои директно влијаевме на зголемување на приватната потрошувачка и помош и заживување на најпогодените сектори – угостителството и туризмот. Вкупно изработени и подигнати беа 309.000 картички во вредност од 26.8 милиони евра. Дополнително, 117.000 граѓани добија ваучери за туризам во вкупна вредност од околу 12 милиони евра со цел да се поддржи домашниот туризам“, посочи вицепремиерот.

Мерките од третиот пакет сеуште се спроведуваат и нивната цел е да се зачуваат работните места на граѓаните, обезбедат дополнителен развој, да им помогнат на компаниите да се вратат на патеките на раст и проширување на нивните капацитети. Преку Инструментот за поддршка за ко-финансирани грантови за брзо прилагодување од КОВИД-19, се обезбеди финансисика подршка за технолошки развој на претпријатијата и приватните здравствени установи за надминување на последиците од КОВИД–19 , со цел претпријатијата погодени од моментална состојба, да воведат нови методи и технологии во своето работење, како и мерки за заштита на здравјето на вработените и клиентите, за да можат да одржат задоволително ниво на продуктивност, генерирање на приходи преку нови канали на продажба, воведување на нови производи или услуги .

„Преку овој модел ФИТР обезбедува поддршка до 70% од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 3.000.000 денари. Вкупниот број на компании кои аплицирале на повикот се 171, а одобрени предлог проекти, по финалната селекција се 87. Износот на инвестициски циклус за реализација на сите овие 87 проекти изнесува приближно 3 милиони евра, од кои побарани средства од ФИТР се во висина од 1,7 милиони евра, а средства од сопствено ко-финансирање се 1.3 милиони евра“, информираше вицепремиерот Битиќи.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски кој ги презентираше резултатите од финалната селекција кажа дека Фондот успешно ја спроведе оваа мерка од третиот сет економски мерки на Владата.

„Со неа директно го таргетиравме она здраво јадро од економијата кое и во услови на криза е подготвен да инвестира во прилагодување и развој, а со тоа и во побрз премин од фаза на преживување фаза на заздравување. Ова покажува дека компаниите не трчаат по бесплатни средства туку имаат верба, намера и капацитет да вложат сопствени средства во процесот на економско заздравување“, рече Деспотовски.

Тој додаде и дека оваа листа на компании може да се зголеми бидејќи на барање на Фондот, Комитетот за одлучување на инвестиции веќе им достави мислење на компаниите од финалната фаза, а кои не се на оваа листа, за кое може да се произнесат, а со тоа добиваат можност за повторно разгледување, по што ќе биде донесена конечната одлука за финансирање.

„Во рамки на овие 87 компании, поддржуваме 1.296 наши сограѓани и нивните семејства, но очекувам овој број да биде зголемен за околу 30% по заокружување на јавниот повик. За нас е важен секој поединец и секое работно место. Со овие мерки како Влада покажавме дека можеме да бидеме вистински партнер излегувајќи во пресрет на потребите на бизнис секторот, но не само во заштита на бизнисот туку истовремено и заштита на вработените и на самите работни места во компаниите“, истакна Деспотовски.

Според Деспотовски охрабрува фактот што со воведување на дополнителните критериуми за дополнително бодување на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура и компании што доаѓаат од помалку развиените региони, веќе во првиот циклус е поттикнато учество на вакви компании. Повеќе од половина, односно 52% од овие компании се раководени од жени, а зголемен е и бројот на компании со седиште во помалку развиените региони. Споредено со претходните повици, регистриран е пораст во источниот (13%) југоисточниот (11%), вардарски (8%) и полошкиот регион (3%).

Деспотовски најави дека веќе се подготвува втор инвестициски циклус со изменети критериуми кој следната недела ќе биде доставен како предлог до Владата.

„Врз основа на спроведена анализа и консултации со приватниот сектор и податоците кои ги добивме од истражување спроведено кај домашните компании ни помогна да ја измениме оваа мерка. Веќе е изготвен нов правилник со кој се предвидува отворање на  можност за финансирање и на големи компании, како и зголемување на износот на финансиска поддршка до 20,000,000 денари. Исто така се предлага промена на процент на поврат на средства од 15% на 7,5% како и промена на период на поврат од 3 на 5 години. Верувам дека со овие измени голем дел од оние 2.100 компании кои покажаа интерес за инструментот ќе се охрабрат и ќе влезат во нов инвестициски циклус со кој ќе од фаза на преживување ќе преминат во фаза на заздравување“, порача Деспотовски.  

Инаку, од 87 компании кои ќе бидат финансирани во првиот циклус 66 компании, односно 76% по првпат во аплицираат Фондот, 15% по втор или повеќе пати без претходно добиена поддршка, додека само 9% се претходни корисници на средства.

Инвестициските планови на овие компании се однесуваат на воведување на нови технологии во работењето со што се зголемува конкурентноста и ефикасноста, како и за зголемена заштита и работа во услови на пандемија. Најголем дел од нив се од областа на здравството 21%, продажба и трговија (14%), ИТ (10%), но и категориите како машинство, креативната индустрија, угостителство и текстилната индустрија. Според анализите во најголем дел се работи за мали (52) и микро (29) компании, како и 6 средни претпријатија. Овие компании вработуваат околу 1.296 лица и се очекува да ги реализираат своите инвестиции во следните 12 месеци.

Одлуката за ко-финансирање е донесена од Комитетот за одобрување на инвестиции, составена од петмина странски експерти, а врз основа на однапред објавени критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација, односно во кој степен проектот ќе придонесе за дигитализација во процесите, развивање на нов или значајно подобрен производ, услуга или работен процес кај апликантот, потоа квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание.

На повикот кој беше отворен од 29.05 до 03.07.2020 година, аплицираа вкупно 166 компании, а над 2.100 подигнаа апликациски пакети.

 

 

Линк до прес конференцијата на ЗПВРСМ Фатмир Битиќи и ДФИТР Јован Деспотовски на македонски јазик:

Линк до прес конференцијата на ЗПВРСМ Фатмир Битиќи и ДФИТР Јован Деспотовски на албански јазик:

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: