Средба на вицепремиерот Битиќи со генералната секретарка на СРС Брегу – Да се искористи моментумот за унапредување на регионалната економска соработка

21 септември 2020


Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со генералната секретарка на Советот за регионална соработка - СРС (Regional Cooperation Council-RCC), Мајлинда Брегу, со која разговараа за унапредувањето на економската соработка на земјите од Западен Балкан.

Вицепремиерот Битиќи, во дискусијата со Брегу, посочи дека еден од најважните приоритети на Владата во овој мандат, ќе биде унапредување на економската соработка со земјите од регионот и подигнувањето на конкурентноста на регионот во целина. Економски развиени земји и економски развиен регион, на тој начин ќе се доближиме до Европска Унија и ќе станеме уште поатрактивен партнер и за унијата и за земјите членки на ЕУ.
 
„Да работиме заеднички за да ја искористиме конкурентската предност што секоја од земјите од Западен Балкан ја добива со взаемната соработка. Да го искористиме овој моментум од КОВИД-19 кој создаде итност и силна потреба за делување во насока на регионална соработка, и да го искористиме за заедно како регион посилни влеземе во пост-ковид економскиот период“ - нагласи вицепремиерот Битиќи. 

Битиќи и Брегу се согласија дека соработката помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот за регионална соработка ќе продолжи и понатаму, за економски развој на земјите и  регионот, како еден од најважните елементи во евро-интеграцискиот процес.
 

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: