24 септември 2020
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес оствари средба со амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Н.Е. г-а Сибил Сутер Техада, со која разговараа за имплементацијата на тековните проекти кои се реализираат со поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој (Swiss Development and Cooperation Agency - SDC), како и за идните планови за унапредувањето на соработката.
Амбасадорката Сутер Техада посочи дека Швајцарија останува силен поддржувач на Северна Македонија за имплементација на потребните реформи за евро-интеграциските процеси, тоа е најдобриот пат кој ќе овозможи побрз и одржлив економски развој на земјата. Таа информираше дека во подготoвка е новата среднорочна Програма за поддршка на земјата, која предвидува проекти со кои ќе се поддржат потребните реформи во повеќе сектори за преговорите за членство во Европската Унија, но и ќе овозможат економски развој, а со тоа и подобар живот за сите граѓани во земјата.
Вицепремиерот Битиќи се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Швајцарија, која е еден од најголемите поединечни контрибутори кога станува збор за имплeментација на проекти во нашата земја.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Сутер Техада, дискутираа за реализацијата на проектот за воспоставување на Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа), кој треба да обезбеди податоци за соодветно креирање на политиките за рамномерен регионален развој и намалување на диспаритетите помеѓу одделните региони во земјата.
За време на состанокот се разговараше и за други проекти кои се реализираат во заедничка соработка, а кои се однесуваат на зголемувањето на можностите за вработување, односно креирање на подобро платени работни места, користењето на швајцарското искуство во дуалното образование, дигитализацијата на стопанството и администрацијата, какo и за проекти кои се однесуваат на демократско владеење и антикорупција.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Сутер Техада имаа заеднички став дека соработката во наредниот период ќе продолжи со несмален интензитет и дека ќе работат на имплементација на проекти кои ќе придонесат за зголемена економска соработка помеѓу двете земји, како и на проекти кои значат подобри услови за живот и повисок животен стандард на граѓаните.