24 септември 2020
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи ја прими амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. г-а Кристин Форсгрен Бенгстон, со која разговараа за економската соработка помеѓу двете земји.
Амбасадорката Бенгстон честиташе на новата позиција на вицепремиерот Битиќи при што нагласи дека Кралството Шведска останува поддржувач на евро-интегративните процеси кои се одвиваат во Северна Македонија. Таа посочи дека во периодот кој следи може да се очекува навистина голема поддршка во реализација на конкретни проекти во земјата, преку Шведската меѓународна агенција за развој (Swedish International Development Agency-SIDA), а кои се однесуваат на унапредување на демократските процеси, владеењето на правото, заштита на животната средина и климатските промени, како и за економски развој, процеси во кои ќе бидат вклучени и граѓанските организации и бизнис секторот.
Вицепремиерот Битиќи искажа благодарност за поддршката од Кралството Шведска, која поединечно гледано е една од земјите од ЕУ кои даваат најголема поддршка на нашата земја.
Тој нагласи дека Владата на Република Северна Македонија ќе биде посветена на унапредување на соработката со земјите од регионот и подигнување на конкурентноста на регионот како целина, со што сите заедно ќе станеме поатрактивен партнер за Европската Унија и земјите од ЕУ. Во таа насока, добро би било да се искористи искуството на скандинавските земји, кои се одличен пример на успешна регионална соработка и конкурентен регион. Ќе доживееме голем успех, рече Битиќи, доколку сите посветено работиме на создавање конкурентен регион, а не конкуренција помеѓу земјите од регионот.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека има огромен потенцијал за зголемување на соработката во трговската размена и инвестициите помеѓу двете земји. Глобалните трендови и моменталната ситуација со кризата предизвикана од Ковид 19 покажуваат дека европските земји, кои сеуште не се членки на ЕУ, како што е и Северна Македонија, се многу атрактивна дестинација за нови инвестиции на глобални компании, поради близината со Европската Унија, добрата поврзаност и можноста да се направи брз транспорт на производи до било која земја членка на ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Бенгстон се согласија дека меѓусебната соработка ќе продолжи, а секој од нив ќе даде соодветен допринос за зголемување на економската соработка помеѓу двете земји.