25 септември 2020
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши ги презентираа главните контури на четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19 пред претставниците на стопанските комори во земјата.
Премиерот Заев истакна дека вкупната вредност на четвртиот пакет изнесува околу 350 милиони евра од кои 264 милиони се од Буџетот на државата и околу 85 милиони како исклучително поволни дополнителни кредитни линии.
На презентацијата на мерките беше нагласено дека четвртиот пакет е континуитет на претходните и дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се прилагодува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните од најпогодените категории.
Пакетот 4, кој треба да биде усвоен од Владата на седницата во недела, на 27 септември, опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината, платежни картички за неколку категории граѓани, грантови за најпогодените сектори, широк спектар за ослободување или олеснување за повеќе давачки за компаниите, намалување на ДДВ во повеќе услужни и други дејности, како и други мерки.
Претставниците на стопанските комори во земјата на средбата изразија задоволство што и овој пат беа вклучени во креирањето на мерките и што голем број од нивните сугестии и предлози се опфатени во овој четврт пакет за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19.