Вицепремиерот Битиќи на средба со италијанскиот амбасадор Силвестри – Италија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во ЕУ интеграциите, постои потенцијал за зголемување на економската соработка

10 декември 2020


Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со новоназначениот амбасадор на Република Италија во нашата земја, Н.Е. Андреа Силвестри, на кого му посака успешен мандат, а разговараа за спроведувањето на пакетот анти-кризни мерки, досегашната економска соработка помеѓу двете земји и потенцијалите за продлабочување на истата.

Вицепремиерот и амбасадорот потенцираа дека економската соработка помеѓу двете земји е на солидно ниво, Република Италија е наш седми трговски партнер, а изразија очекување дека по завршување на кризата предизвикана од коронавирусот, трговскиот биланс ќе продолжи со позитивни стапки на раст.

Амбасадорот Силвестри подвлече дека Италија ќе продолжи да биде силен поддржувач на Северна Македонија во евро интеграции и дека ќе помогне во спроведување на реформите кои Владата ќе ги спроведува во наредните години.

Битиќи посочи дека Владата има сериозни намери да изработи долгорочен Национален развоен план, со кој ќе се дефинираат стратешките правци и политики во кои би се движела економијата во наредните 15-20 години. Тоа ќе придонесе за креирање на конзистетнтни политики и структурни реформи со кои ќе се обезбеди стабилност и предвидливост за бизнис секторот.

Вицепремиерот информираше и дека сега портфолиото за државна поддршка за инвестиции е во Кабинетот, а на тој начин ќе постои поголема координираност на државните органи за сите инвестиции во земјата. Тој додаде дека Владата продолжува со активности за привлекување на реномирани странски компании, да реализираат инвестиции во Северна Македонија, како и дека ќе се засили грижата и кореспонденцијата со оние компании кои веќе работат во земјата. Паралелно, се поттикнуваат домашните компании да инвестираат во технолошки развој и иновации, со кои би биле поконкурентни на меѓународните пазари и би можеле да воспостават соработка со меѓународни корпорации да станат дел од вредносните ланци.

Вицепремиерот Битиќи и италијанскиот амбасадор Силвестри посочија дека економската соработка има потенцијал да расте и дека ќе направат напори таа да продолжи да се зголемува.

Undefined
АКТУЕЛНОСТИ: