1 Март 2022 година - Лондон, Обединето Кралство
Како дел од агендата на работната посета на Лондон, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска се сретна со дел од бордот на директори на меѓународниот конзорциум „Бехтел“, којашто ја предводеше претседателот на единицата за инфраструктура на компанијата Шон Кени.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими, се разговараше за актуелната фаза за реализација на Меморандумот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, за делница Тетово – Гостивар – Букојчани и за проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, како и за Коридорот 10 Д, односно за делница на автопатот Прилеп – Битола.
За реализација на овој Меморандум во Собранието на Република Северна Македонија беше донесен Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот, по што следи утврдување на текстот на договорот кој треба да биде одобрен од двете страни за да се затвори правната постапка којашто ќе овозможи реализација на предвидените инфраструктурни проекти.
На средбата со менаџментот на „Бехтел“ беше констатирано дека во рамките на роковите се одвива постапката за избор на надзор и консултант што ја спроведува ЈП за државни патишта, којашто се очекува да се заврши до почетокот на април оваа година, и дека во буџетот за 2022 година веќе се испланирани средства за изградба на предвидените автопатни решенија.
На средбата со менаџментот на „Бехтел“ беше истакнат фактот за највисоките референци на компанијата во остварувањето на инфраструктурните проекти во светот и особено во регионот, како и фактот дека дури 80% од работите компанијата ги изведува со локални компании.