Премиерот Заев и владина делегација во посета на Алкалоид АД Скопје: Поддршката на македонските компании важна е за економскиот раст

1 март 2019

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменикна претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравствоВенко Филипче и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на бизнис климата за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, денеска беа во посета на најголемата компанија од фармацевтската индустрија „Алкалоид АД Скопје“, кадешто остварија средба со директорот Живко Мукаетов и со дел од менаџментот на компанијата, и ги посетија производствените капацитети „ПЦ Фармација“ и „Институтот за истражување и развој“, и по завршување на предвидените активности дадоа изјави за медиумите.

На средбата со директорот на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов и дел од менаџментот на компанијата, беа споделени информации за постигнатите резултати и успешното работење на компанијата и за значењето на финансиската поддршка од Планот за економски раст, што „Алкалоид АД Скопје“ како една од најуспешните домашни компании за прв пат ја добива од државата.

Потоа, владината делегација и премиерот Заев заедно со директорот Мукаетов се упатија во обиколка на производствените капацитети „ПЦ Фармација“ и „Институтот за истражување и развој“, кадешто имаа прилика одблиску да се запознаат со технолошките и производствени процеси, да ги видат новите машини кои компанијата ги набавила со помош на финансиската поддршка добиена преку Планот за економски раст, и да се информираат за процесите за истражување и развој на нови лекови. 

„Како што не информираше директорот Мукаетов, компанијата има повеќе од 2.000 вработени и просечната нето плата по вработен во „Алкалоид АД Скопје“ изнесува над 44.600 денари или над 700 евра, што е за секоја пофалба и е во насока на владиниот апел до компаниите за исплата на повисоки плати за вработените. Изминатата 2018 година компанијата реализирала 212 нови вработувања и инвестиции од над 17 милиони евра“, рече премиерот Заев во изјава за медиумите.

„Особено задоволство ми претставува што денеска заедно со директорот Мукаетов и вицепремиерот Анѓушев ќе ги споделиме со јавноста овие одлични перформанси на компанијата и информациите за финансиската поддршка што ја доби компанијата од Планот за економски раст со кој за прв пат ги изедначивме условите и критериумите за поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните и странските компании. „Алкалоид АД Скопје“ како една од нашите најуспешни домашни компании за прв пат добива финансиска поддршка од државата. Со оваа наша домашна компанија потпишавме договор за финансиска поддршка за нов инвестициски проект на компанијата во времетрање од 5 години, и кон крајот на изминатата 2018 годинa на компанијата, по овој основ и беа исплатени финансиски средства во висина 35.292.916 денари“, соопшти премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во својата изјава за медиумите посочи дека силната индустријализација, преку поддршка на успешните домашни компании и привлекување на нови реномирани странски компании, е шанса Република Северна Македонија да фати приклучок кон трендовите на светската економија и значително да се подобри животниот стандард на граѓаните.
 
„Во рамките на посетата на една од најуспешните компании „Алкалоид АД Скопје“, која е фабрика од европски ранг, имавме можност на дело да ги видиме проектите кои Владата ги поддржува преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и преку Фондот за иновации и технолошки развој. Во 2018 година, за проектите реализирани во 2017 година, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите исплатени се 35 милиони денари, а оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период, додека преку мерките од Фондот за иновации и технолошки развој планирана е поддршка од 14 милиони денари, кои ФИТР ќе ги исплаќа со динамика, како што самата компанија ќе ја реализира планираната инвестиција. Владата покажува дека води грижа и за домашните компании, како и за странските инвестиции, кои во 2018 година достигнаа рекордно ниво од 624,5 милиони евра или 267% над просекот во последните осум години. Покажавме дека со макотрпна и посветена работа се постигнуваат резултати и дека Владата точно знае во кој правец оди економијата во Република Северна Македонија“, подвлече вицепремерот Анѓушев.

Директорот на „Алкалоид АД Скопје“ Живко Мукаетов, рече дека во 2018 година компанијата остварила вкупна продажба од над 159 милиони евра и за прв пат извозот ја надминува бројката од 100 милиони евра, а во последните 20 години вкупните инвестиции на компанијата изнесуваат над 200 милиони евра.

„Ова е  прв случај од државата да добиеме помош за она што го инвестираме во континуитет. Договорот што го потпишавме со државата, од наша страна значи дека ние треба во период од 5 години да инвестираме над 50 милиони евра во нови погони и опрема, нова едукација на нашите вработени, а од друга страна, врз база на она што го инвестираме, доколку ги исполниме и останатите критериуми во договорот, да можеме годишно да сметаме на помош од државата која максимално би се ограничила на износ од околу 1 милион евра. Многу е важна синергијата помеѓу Владата од една страна и економијата и бизнисот од друга страна, затоа што ние како компанија растеме, се надградуваме, инвестираме, вработуваме, а од друга страна државата може да смета на раст на економијата преку растот на македонските компании“, истакна директорот на „Алкалоид АД Скопје“ Живко Мукаетов. 

English
АКТУЕЛНОСТИ: