Вицепремиерот Анѓушев во Студио 1 на 1 ТВ: Грција е традиционален економски партнер на Северна Македонија, со потпишување на договорот во преспа соработката дополнително се унапредува

28 март 2019

Во првите денови на април се очекува делегација на Владата на Република Грција, предводена од премиерот Алексис Ципрас да ја посети Република Северна Македонија, при што би се реализирале низа на заеднички активности, помеѓу кои и организација на бизнис форум помеѓу двете земји. Ова е позитивна придобивка од потпишувањето на Договорот од Преспа, која ќе доведе до унапредување на економската соработка помеѓу нашите земји, нагласи вицепремиерот Анѓушев во гостувањето во емисијата Студио 1 на 1ТВ, вчера вечер. 

„Отсекогаш ние најмногу сме соработувале во нашиот регион. И во времето кога политичките односи на нашата држава со Грција не беа најдобри и тогаш имаше сериозна економска соработка и Грција беше меѓу првите три во трговска размена и секогаш била добар економски партнер. Природно е да сме упатени едни на други, Солунското пристаниште е најблиско до нас, за евтин транспорт на стоки и кога ќе видите дека ова пристаниште во голем дел работи за македонските компании, тоа е доволен доказ за обемот на соработката“, потенцира Анѓушев. 

Организацијата на заедничка седница со Владата на Грција и организацијата на бизнис форум помеѓу компании од двете земји не е само политичка порака, туку е нормален след на политичките настани. Со затоплувањето на односите и со решавање на долгогодишното проблематично прашање, се отвора многу простор за економска соработка, дополни вицепремиерот Анѓушев

„Ќе зборуваме да го надминеме проблемот со двојното оданочување, да се избегне, има голем број инвестиции од Грција заинтересирани да дојдат во нашата држава и како гринфилд и како браунфилд инвестиции. Има заинтересирани компании, во делот на производството, во фабрики, во реалната економија Кога ќе направите добар политички амбиент и економската соработка се одвива подобро. По потпишување на договорот со Бугарија, во рамките од една година размената со оваа земја порасна за 11%. Сега имаме исто така двоцифрен раст во размената со Грција“ објасни Анѓушев.


Вицепремиерот се осврна и на растот на просечната нето плата, a со тоа и пораст на животниот стандард на граѓаните, намалување на невработеноста, растот на БДП и намалувањето на инфлацијата, кои се реални позитивни економските показатели за 2018 година, кои сепак останаа во сенка на важните политички случувања за земјата.

„Нето платите се зголемија за 50 евра во една година. Тоа се статистиките од кои не се бега. Но, дали е тоа доволно и дали е доволна материјализација на она што го очекуваат граѓаните? Веројатно не, затоа што пораст на нето платата од 50 евра на годишно ниво не е доволно за Македонија преку ноќ да стане Швајцарија. Сепак тоа е зголемување од 5-6 проценти и тоа сигурно е повеќе отколку инфлацијата во минатата година, што значи дека стандардот расте. Факт е дека платите растат, како што е и факт е дека невработеноста се намалува. Имаме 19,4 отсто невработеност, а она што е најважно и што мене најмногу ме охрабрува е што странските инвестиции во минатата година достигнаа 624 милиони евра“, рече Анѓушев.

Многу од актуелните економските случувања во земјата не се познати на јавноста заради преокупираноста и големата медиумска експлоатираност на политичките прашања како што се потпишувањето на Преспанскиот договор, потпишување на протоколот за пристапувањето кон НАТО, почетокот на преговори за пристапување во ЕУ и слично, кажа Анѓушев. 

„Многу работи беа завршени, но медиумски не беа доволно експлоатирани. Некои од нив се донесувањето на Законот за финансиска поддршка којшто даде резултат, индустриското производство минатата година покажа сериозен раст, а и оваа година, само во јануари растот е 12% во споредба со минатиот јануари, февруари растот е 7,3% во споредба со февруари 2018 година. БДП којшто го затекнавме со негативна стапка од -1,7%, во последниот квартал од мината година достигна 3,7%, и ако земете апсолутно, тоа е голема разлика од 5,4 %“, дополни вицепремиерот.

Во врска со реализацијата на капиталните инвестиции, вицепремиерот појасни дека во Владата е формиран тим на министри чија што задача е да ја надгледува реализацијата на капиталните инвестиции и да ги поттикнува раководителите на институциите со забрзана динамика да ги реализираат проектите. Сепак, тој нагласи дека најголемите капитални инвестиции, всушност и не се реализираат преку буџетот, туку со заеми земени за нивна реализација, како што се двете делници автопатишта и неколкуте експресни патишта во Северна Македонија.

„Само за изградба на патната инфраструктура планирани се проекти со вредност од над 1 милијарда евра во наредниот период, во моментов се привршува со автопатската делница Миладиновце-Штип, која по сите безбедносни стандарди се очекува да биде пуштена за околу еден месец, по потпишување на договорот за продолжување на заемот ќе се продолжи со Кичево-Охрид, во моментов се градат неколку експресни патишта Штип-Кочани, Градско-Дреново, Ранковце-Крива Паланка, кои се најоптимпални за нашата земја. Дополнително над 80 патишта се планирани за рехабилитација или веќе се рехабилитираат. Претходно најавив, во пролетните месеци ќе имаме силна градежна офанзива и нема да има слободна градежна машина во наредниот период“, нагласи Анѓушев.

Анѓушев потенцираше дека невработеноста во земјата е на рекордно ниско ниво од 19,4%, при што во минатата година се отворени над 26 илјади работни места што придонесе за намалување на невработеноста. Тој се осврна на структурата на невработените лица, кадешто над 40% од невработените се лица од над 50 години, додека околу 50% се лица кои имаат завршено основно или немаат никакво образование. 

„Анкетата на работната сила која ја прави Агенцијата за вработување, на примерок од над 3000 компании кои вработуваат над 7 луѓе, покажува дека овие компании во 2019 година би имале потреба за вработување на околу 18000 нови лица. Од друга страна имаме над 100 илјади активни баратели на работа. Сепак компаниите и покрај голем број на невработени не можат да најдат соодветна работна сила за своите потреби. Во најголем број се бараат лица од техничките струки: машински инжинери, градежни инжинери, програмери, машински и електро техничари, пекари, столари, возачи на товарни возила, механичари, ракувачи на ЦНЦ машини. Оттука може да извадиме прецизна дијагноза. Ова е резултат на девастиран образовен систем. Во нашата држава во последните години се отворени над 90 факултети, сега ги има над  190 во државата, 95% од средношколците се запишуваат на универзитет. Се дава лажна надеж на младите, ги качуваме на мост кој се вика „надеж“, а на другата страна всушност има провалија. Мора да се смени образовниот систем, кој ќе даде резултат на подолг рок, а истовремено да спроведуваме акутни мерки преку кои ќе ги преквалификуваме невработените лица за потребите на стопанството, во брзо време“, објасни вицепремиерот.


Линк до целосната емисија: 

English
АКТУЕЛНОСТИ: